Меѓународен влашки етно-фестивал на Пониква

Во рекреативниот центар Пониква на Осоговските планини се одржа 11-от Меѓународен етно-фестивал „За Петровден сите на планина“, чиј организатор е влашката пејачка група „Грамостеањ“ од Скопје.

На фестивалот настапија стотина учесници од шест пејачки групи и фолклорни ансамбли на Власите од неколку градови од Македонија и од Албанија, како и десетина соло изведувачи.

Според организаторите на настанот, иницијативата за негово одржување потекнува од желбата за зачувување на влашката култура и традиција и нејзино враќање на корените.

-Причината што се собираме на Пониква е што порано овде имало преку 40 сточарски семејства кои престојувале во текот на летото, овде ги молзеле овците и ги правеле сирењето и кашкавалот, па го продавале низ Европа. Што е најбитно, овде младите си давале збор, се правеле веридби, а свадбите се планирале за преку зимата. Сакаме тоа да го возобновиме и да не дозволиме да згаснат традициите, обичаите, песната, орото и културата на Власите, истакна Штерјо Николов од пејачката група „Грамостеањ“.

Традиционалниот влашки етно-фестивал на Пониква е дел од манифестацијата „Петровденски конаци“ што се одржува по повод верскиот празник посветен на Свети Петар, заштитникот на Кочани.

Главен покровител на манифестацијата и годинава беше локалната самоуправа на Кочани, а финансиски ја помогнаа и компаниите од регионот.

You May Also Like