Во понеделник, на 20 август 2018, во Кавадарци ќе започне најновото издание на Меѓународната ликовна колонија “Кавадарци – Михајлово 2018“, посветена на големиот уметник Ристо Соколов Сокол од Кавадарци.
Традиционално колонијата последните години се одржува во Хотел „Уни Палас 2“. На колонијата годинава како учесници се јавуваат над 30 ликовни уметници од повеќе земји (Македонија, Бугарија, Србија, Велика Британија, Косово, Турција, Романија, Русија, Албанија…).
Колонијата е во организација на Дом на култура „Иван Мазов Климе“ Кавадарци, а со подршка на Локална самоуправа на општина Кавадарци и Министерството за култура. Како помагатели се јавуваат и повеќе општествено одговорни фирми од градот.
Во предвечерјето на отворањето на колонијата, во понеделник, на 20 август 2018, од 20 часот во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ ќе биде отворена изложба на ликовниот уметник Александра Димитрова од Кочани.
Официјалното отворање на Ликовната колонија ќе се случи истата вечер (понеделник – 20 август 2018) во 21 часот во Хотел “Уни Палас 2“ Кавадарци. Специјални музички гости на вечерта се Рок триото “Вики, Деки и Маца“.
За време на одржувањето на колонијата ќе се случат уште неколку придружни уметнички настани. Во среда, на 22 август 2018, од 20 часот, во организација ан Домот на културата, а во Галерискиот простор на Музеј – Глаерија Кавадарци ќе биде отворена изложба на ликовниот уметник Луан Зенки од Гостивар.
Во петок пак, на 24 август 2018, со почеток од 12 часот, на Градскиот плоштад во Кавадарци ќе се одржи несекојдневен и спектакуларен ликовен перформанс со познатиот ликовен уметник од Турција – Орхан Цебраилоглу.
Официјално Меѓународната ликовна колонија “Кавадарци ќе биде свечено затворена со изложба на реализираните ликовни дела, во недела, на 26 август 2018 од 20 часот.