Со изложбата „Портали“ Град Скопје ќе го одбележи Европскиот ден на уметничка креативност, како дел од проектот CreArt (Мрежа на градови за уметничко творештво).
Изложбата ќе биде отворена в четврток (21 март) во Музеј на Град Скопје и ќе ги претстави делата и идеите на девет млади уметници: Александра Ацеска; Ана Јовановска; Ива Станковска; Ивана Мојсовска; Игор Таневски; Кристијан Јованоски; Кристијан Тодоров; Тамара Антевска-Бајдевска и Филип Ивановски-Пепе.
Тие се критички насочени и укажуваат на проблеми како што е енормното глобално загадување, посочувајќи на испревртен систем на вредности што води до анархични дејства, од кои резултатот е девастација на средината во која живее современиот човек.
Според кураторот на изложбата Благоја Варошанец, преку своето творештво младите уметници дејствуваат локално, но размислуваат глобално користејќи различни уметнички медиуми како изразна алатка.
- Итноста на потребата за корекција на исчанчената слика на реалноста ја чувствуваме со секој следен здив, со секој поглед врз сметот кој нè опкружува, со секој деформитет на новородено дете, што го претвора гласот на овие уметници во универзален врисок кој делува како грмотевица која ќе нè разбуди од зачмаениот ментален амбиент и, конечно, ќе доведе до повисоко ниво на ментална хигиена, наведува Варошанец.