Изложба на театарски плакат од Стојанче Величковски

Во Националната установа Центар за култура, Крива Паланка викендов беше отворена ретроспективната изложба на театарски плакат и фотографии од Меѓународниот театарски фестивал св.Јоаким Осоговски.

На изложбата се претставени фотографии од сценските изведби од изминатите девет фестивалски изданија, плакатите чијшто автор е Величковски и фотографии од досегашните лауреати.

– Аплаузот со кој ме отпоздравивте е завет и обврска за мене да продолжам да бидам визуелен творец на сите фестивалски активности. Заедно со Антонио Давитковски го донесовме пред 10 години плакатот во овој град, а оттогаш досега создадов шеесетина плакати на разни манифестации. Благодарност до ЛУ Градски музеј што ја чува сета моја збирка плакати, продолжуваме да градиме историја на културата во Крива Паланка, рече авторот Величковски.

Според Гоце Ристовски, театарски критичар, театролог и публицист, театарската фотографија и плакат како посебен уметнички израз му се својствени на фотографот и графички дизајнер Стојанче Величковски кои овековечиле многу мигови од богатата театарска програма, зачувувајќи ги за идните генерации.

– Величковски е фотограф, дизајнер, хералдичар, коавтор на грбот на претседателот на РМ, на МПЦ, на грбови и знамиња на повеќе општини…Тој е хроничар на времето оставајќи ни моменти со соодветна композиција, игра на бои, мајстор е на фотографијата, редок капацитет не само во македонски, туку и во пошироки рамки, рече Ристовски.

 

 

You May Also Like