Изложба на Решат Амети до Даут пашин амам – 30 Години уметност

Националната галерија на Македонија информира дека во објектот Даут пашин амам ќе биде поставена ретроспективната изложба на академскиот сликар Решат Амети со наслов „30 Години уметност“.

Истата, за публиката ќе биде достапна од 28 октомври до 29 ноември 2020 година. Објектот за посетителите е отворен секој ден, освен понеделник, од 10 – 18 часот.

Протоколот за заштита од Ковид-19 и понатаму останува задолжителен!

************

Во почетокот на 90-тите години од минатиот век, Решат Амети сериозно се наметна со своите изложби во македонскиот, а во годините потоа и во глобалниот ликовен простор со своите истражувања во сферата на сликарскиот израз , каде публиката и критичарите забележаа дека неговите дела содржат нешто посебно во изразот и дека е можно да се насетат големи уметнички достигнувања кои што во иднина ќе следат (всушност својата прва изложба ја има во Виена во 1990 година, така што овој процес може да се каже дека е инверзен) .

Триесет години подоцна тезата за исклучителноста и посебноста на сликарскиот ракопис се потврди преку бројните студиозно профилирани изложби во кои постепено се градела идејата на уметниковата врска со исконските елементи на животот и природата од неговото опкружување. Уште од најраните дела, кои ги карактеризира геометризмот, апстрактноста, минимализмот и редуцираната знаковност, прочистениот вокабулар и лишеност од секој одвишен детаљ во третманот на сликата, се насетува „избрусен“ ликовен израз кој може да биде сватен како продукт на авторовата воздржана но софистицирана фокусираност на потенцирање на суштината на нештата, беспрекорност во реализацијата, а над се со вонредно чувство и познавање на својствата на боите. Тој во осцилирањето помеѓу префинетата сликарска содржина која содржи повторување, но во основа слоевита разноличност доживеана интуитивно, со чувство за рамнотежа помеѓу елементите и повеќезначноста, до денес изградил специфичен и за нашата ликовна сцена автохтон ликовен јазик.

Творештвото на Амети е рамнотежа помеѓу формата и претставноста каде во апстрактните идеи како што се обоените плохи, линии, квадрати, кругови, триаголници итн, може да се прочита принципот по кој во неговите дела се препознаваат клучните постулати во доживувањето на устројството на светот. Искуствата и промислувањата за сопственото потекло и припадност во одреден историски контекст дефинирани со аурата на genius loci , поттикнати се со размислувањата и импресиите на чија основа може да се разберат релациите кон изворниот, архетипскиот јазик. Тој верува во внатрешната чистина која е отсликана во едноставни облици и силна енергија со која делата зрачат, обликувани преку сведеноста на изразот во духот на филозофијата на зенот.

Амети делото го доживува во текот на сликањето. Тој во исто време обојува, црта, слика, визуелизира и приказот не го предава во неговата дескриптивност, туку низ сопствената перцепција. Динамиката и тензијата се одраз на самата композиција во комбинација на промисленоста и внатрешните состојби и расположенија. Б ојата е збир на заробена енергија која од раката на авторот добива гестикулативна експлозивност и потполна слобода на торжествено зрачење. Сликарската техника му овозможува изразни можности со кои добива посебни пиктурални структури.

Решат Амети преку неговите дела ги пренесува сопствените кодирани пораки кои извираат од наследството на универзалните уметнички супстрати со нагласена лиричност, експресија, мелодичност и поетичност во доживувањето и се визуелна поезија и музика кои во перцепирањето на неговото творештво отвораат енигматски простори чие дефинирање има бројни толкувања и интерпретации, зависно од сознанијата на набљудувачот и искуствените парадигми.

You May Also Like