Со премиера на „Црнила ремикс“ – хип-хоп претстава според мотиви на класичното драмско дело од Коле Чашуле, по идеја и режија на Јордан Симонов и во продукција на Младинскиот културен центар, вечерва (петок, 28 септември) ќе заврши 43-то издание на „Млад отворен театар“.
Како што соопшти МКЦ, претставата е ставена во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналните препев и музика на хип-хоп групата „Зад аголот“ не носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата.
Јордан Симонов вчера на прес-конференција рече дека во кариерата учествувал неколку пати во постановки на „Црнила” од Чашуле, а идејата за ваков проект постоела одамна. Се конкретизирала по средбата со членовите од скопската хип-хоп група „Зад аголот” пред две години.
Музиката и препевот се на Дарко Димитриески и Павле Димковски од „Зад аголот“, сценограф и костимограф е Илина Ангеловска, а улогите ќе ги играат: Стефан Вујисиќ (Луков), Александар Михајловски (Фезлиев), Владимир Петровиќ (Иван), Горан Ников (Методи), Ненад Анѓелковиќ (Младичот), Сања Арсовска (Неда) и Павле Димковски (Христов).
Во придружната програма на МОТ денеска напладне во Џебното кино на МКЦ ќе бидат одбележани 70 години од Македонскиот центар на ИТИ (Интернационален театарски институт) на УНЕСКО (1948-2018), а вечер од 22 часот во МКЦ за затворање на фестивалот концерт ќе има шведската група „Fire“.
Во деветте фестивалски дена на 43. „Млад отворен театар“ на осум сцени низ Скопје беа изведени 18 претстави. Фестивалот почна на 20 септември со белгиската „Блокбастер“.