„Ин Виница веритас“ одбележува 25 години постоење

Во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница од 22 до 29 октомври ќе се одржува Фестивалот на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, кој одбележува 25 години од основањето.

Манифестацијата одамна е и на интернационалната мапа на фестивали за хумор и сатира, пред се со учеството на карикатуристи од целиот свет, а годинава преку 300 од нив се пријавија на објавениот конкурс на тема „Часовникот на судниот ден“, беше речено на прес-конференцијата на која беше претставена и фестивалската програма.

– Токму на отворањето на фестивалот ќе биде изложбата на карикатури од конкурсот, а ќе бидат доделени награди и признанија за најдобрите. Во театарската програма публиката ќе може да ги види комедиите „Кец на десетка“ на МНТ, „Дони Дарк“ на театарот Комедија, „Мани, мани, мани“ на театарот „Трајко Прокопиев“ од Куманово, а гости ќе ни бидат и аматерскиот театар од Трјавна, Бугарија, со претставата „Љубов под хипноза“. Освен тоа, ќе има и една кабаретска претстава, театарска работилница насловена „Театарски речник од деца за деца“, како и промоција на книгата афоризми „Трагачи по парадокси“ од нашиот верен соработник Миле Ѓорѓијоски, вели Јовица Илиев, директор на Домот на културата „Тошо Арсов“.

Фестивалот „Ин Виница веритас“ се одржува под покривителство на локалната самоуправа на Виница, а со поддршка од Министерството за култура и локалниот бизнис-сектор.

You May Also Like