Единаесет дена „Синедејс“ со повеќе од 100 филма

Повеќе од сто филма ќе бидат прикажани на 17-от Фестивал на европски филм „Синедејс“ од 8 до 18 ноември во кино „Фросина“ и Џебното кино во Младинскиот културен центар, и во кино „Милениум“.

Над 20 наслови се во атрактивната гала-програма со најнови остварувања на Ларс вон Трир, Годар, Сорентино, Павликовски, Спајк Ли… а меѓу нив и „The Favorite“ на Јоргос Лантимос, премиерно прикажан на Венецисакиот филмски фестивал. Тој е специјално на „Синедејс“ пред воопшто да биде пуштен во кино дистрибуција закажана за 2019 година.

Во двете натпреварувачки програми – Официјалната и Програмата на балкански филм Сине Балкан, ќе има вкупно 14 филмови, а за наградите ќе одлучуваат две меѓународни жирија. Меѓу осумте во Официјалната е и победникот од Берлин 2018 – „Не допирај ме“.

Ќе има и детска и студентска програма, раната фаза на филмови од Милош Форман (во соработка со Чешката амбасада) и богата музичка програма со девет музички документарци, кои бесплатно ќе се прикажуваат во „Фросина“ и Џебното кино во МКЦ, како и 11 концерти на домашни и странски изведувачи.

Во програмата Кратки филмови ќе има девет од млади македонски режисери чии филмови се прикажуваат на фестивали. За разлика од лани кога тие беа во една вечер, овојпат ќе се прикажуваат секоја фестиваска вечер пред проекциите на долгометражните. Во студентската натпреварувачка програма, ќе има 35 филмови од 12 академии од регионот, а првпат годинава и од престижната ФАМУ од Прага.

Отворањетоќе биде во кино „Фросина“ во МКЦ на 8 ноември со музички филм.

Фестивалот ќе биде затворен на 18-ти во „Милениум“ со македонска премиера – „Хај“ на режисерот Васил Христов.

Седумнаесеттиот „Синедејс“ ќе има и придружна програма меѓу кои и е и дводневен настан СинеИндустри на 16 и 17 ноември, посветен на дистрибуцијата на филмовите, односно како тие да излезат надвор од границите.

„Збогати се преку ноќ“ е мотото на годинашниот фестивал. Директорот на МКЦ Русе Арсов рече дека лани во Скопје се отворени 30-ина коцкарници и идејата им е младите да знаат дека богатството не е материјалното, туку духовното, а фестивалот тоа им го овозможува за само 100 денари.

Билетите во продажба ќе бидат пуштени од денес, а оваа година може да се купат и онлајн преку линковите што се достапни на веб-страницата на МКЦ: www.mkc.mk.

– Убеден сум дека со богатата програма со над 100 филма ќе бидат задоволени вкусовите на скопската публика, а таа во овие години покажа дека има добар сенс, рече градоначалникот на Скопје, Шилегов.

„Синедејс“ се организира со поддршка на Агенцијата за филм, Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија и со помошта на партнерите спонзори на фестивалот.

You May Also Like