Девет програмски содржини на 19-тите „Есенски музички свечености“

Од денес (петок, 2 ноември) па се до 27 ноември ќе се одржуваат 19-тите „Есенски музички свечености“ кои ги организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС).

Покрај домашни учесници, ќе има и гостувања на музичари од Унгарија, Полска и од Србија.

-Ќе имаме девет програмски термини, пред сѐ од класичната музика, за ноември да го направиме месец на музиката. Покрај концерти на класична музика, претежно од камерни ансамбли, и оваа година програмата е збогатена со друг музички жанр – годинава тоа ќе биде од областа на фолклорот, по повод стогодишнината од раѓањето на Никола Бадев. На тој концерт на 15 ноември во МОБ ќе настапат 20-ина изведувачи, рече Никола Глигоров, директор на ДКУС.

Фестивалот ќе биде отворен денес (петок, 2 ноември) во Македонската опера и балет со изведба на балетот „Лебедово езеро“ на Чајковски во кореографија на Украинецот Виктор Јеремко и под диригентство на Бисера Чадловска.

На 10 и 11 ноември се концертите на музичарите од Унгарија и Полска кои ќе се одржат во Филхармонијата.

На 10-ти е концертот на познатиот унгарски пијанист Јожеф Балог кој се организира во соработка со Амбасадата на Унгарија. На програмата се дела од Барток, Лист и Волф.

Амбасадорот Ласло Дукс  рече дека Балог е меѓу најталентираните изведувачи во својата генерација, кој ја следи традицијата на унгарската пијанистичка уметност. Покрај класична, Балог изведува и џез-музика. Имал повеќе од илјада концерти низ светот во престижни музички центри и познати фестивали. Досега објавил десет компакт-дискови. Пред настапот во Скопје, Балог ќе има концерти во Њујорк и Загреб.

Концертот наредниот ден, 11 ноември, е по повод независноста на Полска и ќе настапат млади музичари од таа земја – виолинистката Агата Кмак и пијанистот Марсин Гузик, заедно со македонскиот кларинетист Ристе Ѓоревски.

Конузлот на Полска во Македонија Катаржина Пташињска рече дека Полската амбасада го организира концертот во соработка со Фондацијата „Томислав Зографски“ која во 2018 ја награди со гран-при виолинистката Кмак за магистерскиот труд во кој го опишала животот и творештвото на македонскиот композитор Зографски.

– Денот на независноста е одлична можност да се претстави нашата историја и култура, додаде Пташињска.

Гостински учесници на „Есенските музички свечености“ се и музичарите од камерниот оркестар „Аморосо“ од Србија, кои на 16 ноември ќе настапат во Музеј на Град Скопје.

На фестивалската програма се и оперската претстава „Марија Калас – час“ (4 ноември), концертот на триото „Интерарт“ (16 ноември), концертната промоција на цедето „Звуците на трските – опера трио“ на Татјана Петрушевска-Караскаковска, Игор Бакревски и Марјан Милошевски (22 ноември) и концерт на Горан Начевски, Страшо Темков и Елена Атанасовска-Ивановска со кој на 27 ноември ќе завршат 19. „Есенски музички свечености“.

You May Also Like