„Фото синтеза“ нов роман од Игор Анѓелков

Промоцијата на романот „Фото синтеза“ на Игор Анѓелков, ќе се одржи утре ( 6 април 2013, сабота) точно напладне во книжарницата “ИЛИ-ИЛИ”.

Се работи за третата книга на Анѓелков, по дебитантската збирка раскази “Кротки приказни” (2006) и романот “Крај-пат” (2010), кои наидоа на одличен прием кај читателите.

Ова е вкупно 74-ти наслов, односно петнаесетта книга од единаесеттиот  домашен автор во популарната едиција “ПРОаЗА” на издавачката куќа “ИЛИ-ИЛИ”, со што продолжува поддршката на новата генерација македонски автори кои во оваа скопска издавачка куќа ги издаваат своите провокативни дела.

За авторот на книгата, писателот Благоја Иванов вели:
“Со својата нова книга, Игор Анѓелков несомнено го утврдува своето име на млад автор чиј првенствен интерес е современоста, како и луѓето кои истата ја живеат, со сите свои животни премрежја”.

Писателката Оливера Ќорвезироска, пак, во рецензијата за романот  истакнува:
“Ако го сакавте она меко, кротко, непретенциозно раскажување со речиси филмска монтажа на одлично испланираните раскажувачки секвенци, ако ја сакавте онаа благост со која авторот сигурно ве „управува“, ревносно хранејќи ви ја илузијата дека „воланот“ е во ваши раце, ако ви се допаѓаше книжевната тура низ секојдневието со задолжителната посета на несекојдневното,.. ако ги помните „Кротки приказни“ и „Крај-пат“ – тогаш „Фото синтеза“ е одлично „место“ за утврдување на совладаната книжевна материја: различно од претходните објави на Анѓелков, толку колку што треба за да знаете дека е нешто сосем ново, но и исто, толку колку што треба за да знаете дека сепак е негово и само негово. „Раката“ ќе му ја препознаете веднаш, но не дозволувајте си да го претпоставите и „ракавот“ пред убаво да видите/да прочитате!”

———————-
Игор Анѓелков е роден на 05 ноември 1974 година во Скопје. Дипломирал на “Интердисциплинарните студии по новинарство”, а магистрирал на мастер студиите по “Медиуми и комуникации” на Правниот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на книжевноста, музиката и филмот, а долго време беше дел и од екипите на скопските радија “Канал 103” и “Равел”. Веќе десет години е уредник на популарната едиција “ПРОаЗА” во издавачката куќа “Или-Или”, а исто толку години е автор и уредник на филмскиот магазин “Филмополис” на ТВ Телма.

Дебитантската книга, збирката раскази “Кротки приказни” (2006) е негова прва официјална книжевна објава.  Подоцна авторот влегува и во романсиерските води и го објавува својот прв роман, “Крај-пат” (2010), кој наиде на одличен прием кај читателите.

“Фото синтеза” е негов втор роман.

You May Also Like