„ВРЕМЕ ЗА…“ на Филип Фидановски во Галерија 8

Друштвото на ликовни уметници на Македонија и Галерија 8 Ви ја претставуваат изложбата „ВРЕМЕ ЗА…“  на Филип Фидановски.

Концептуалниот пристап  на авторот овој пат ќе ни раскаже приказна претставена во композиција од 24 керамички плочки изработени во графичката техника – сито печат.

На отварањето на изложбата која ќе трае само една вечер свое учество ќе земат, пантомимичарот Војо Цветановски и Quartet SaxTromb, Валентин Видовиќ – Сопран Сах, Артан Мустафа – Алт Сах, Иван Трајаноски – Тенор Сах, Марио Јанковиќ – Тромбон кои ќе ја раскажат приказната на авторот.

Изложбата ке биде поставена и отворена во ГАЛЕРИЈА 8 – Безистен  во старата Скопска чаршија на утревечер (недела, 27 ноември 2011 година), со почеток во 20:00 часот.

Кратка биографија за авторот

Филип Фидановски е роден 27. 11. 1977 година. Магистрира на катедрата за керамика на Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија под менторство на проф. Красимир Џидров. Работи како професор во државното средно училиште за променета уметност „Лазар Личеноски“ Скопје, од 1996 година предава на факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје.

Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија и Постојан член на керамичката колонија во Племениташ, Хрватска, почесен член на здружението на керамичари на Хрватска. Реализира 10- на самостојни изложби во Македонија и странство.

Учествува на повеќе групни и жирирани изложби во Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Белгија и Египет. Добитник е на Награда за скулптура  “ЈОРДАН ГРАБУЛ” на ДЛУМ и Трета награда за млад автор на Петтото интернационално биенале за керамика во Каиро, Египет (Бронзена плакета).

Организатор е на повеќе културни настани и изложби во Македонија. Учествува во снимањето на етнографско – документарен филм КАЛЕИДОСКОП на режисер и сценарист Сандра Ристовска. Учествува и на многу уметнички колонии. Дела на Фидановски се наоѓаат по приватни колекции и музеи.

You May Also Like