Изложба на Марија Смилевска

Изложба на Марија Смилевска насловена како „Нова религија…“, утревечер (недела, 27 ноември 2011 година) со почеток во 20:30 часот, во просториите на Културниот центар Креактив.

Антон Вокалов за делата на Марија Смилевска:

Доколку Надреализмот се претопува во Хиперреализам, а Хипереализмот во Поп-арт и Поп-артот на крајот во Наива, дали е тоа “наивно”!? По се  изгледа воопшто не е, барем не во сликите на М.Смилевска, барем не доколку се гледа наивно терминолошки и заради запазување на современите текови во визуелната или било која друга уметност. Дури ни гротексноста во насловот “Нова религија …” не ни олеснува во барањето шифра или клуч во безбројните тајни фиоки кои Марија многу суптилно и наративно ни ги отвора, преку игривата симболика и поетско – филмската поврзаност на нејзините слики.

Концептуалност во нарацијата, не заради самиот концепт како форма, туку, затоа што во овој случај тоа е неминовно и пред сѐ заради алхемиската структура на сликите, кои се можеби една слика сите слики заедно, а од друга страна и не се, бидејки имаме хронологија и исечоци кои се во временско – просторен вечен круг. Авторката успеала со неколку „удари“ нежно да допре теми кои се неминовно бреме на современата пред сѐ македонска подсвест, па затоа  во нејзините слики наоѓаме надреални и невозможни призори на навидум “космонаути” со изместени улоги, болнички Кафкијански призори на Месечината, која во случајов е „монашко“ прибежиште на децата со џамлиите поради присуството на „златниот“ космонаут на земјата, временско – просторни ангели – чувари во облик на улични кучиња, џамлии шарени, кристални и чисти како некои поминати или посакувани идеални времиња на здрави вредности или пак можеби џамлии како симбол еквивалент на детската душа која не се менува и не старее, како временска константа.

Неверојатно многу детали и приказни, и пред сѐ комплексност кои четката на авторката на поприлично класично и мајсторско ниво ни ги заплетува и расплетува. Иако овде имаме класичен случај каде разновидноста на техниките потполно е во својство на наративноста на концептот, кај авторката гледаме богатството на техники поаѓајки од класични платна до игра со цртеж, хартија и стакло. Убавината ги прати храбрите, а ова е несомнено храбар обид и проект во кој секој ќе најде нешто интересно и убаво или во најмала рака ќе остане испровоциран.

You May Also Like