Утре, понеделник (18 јуни) во 20 часот во Менада ќе биде промовирана книгата „Чекајќи ја Македонија“ од Илка Тисен, професор по антропологија на Универзитетот Ванкувер Ајленд во Канада.
Книгата „Чекајќи ја Македонија “ зборува за периодот 1988-1996, кога во Македонија се случуваа крупни економски, политички и културолошки промени кои го следеа распадот на Југославија. Тисен ја следи судбината на неколку млади жени-инженери по електротехника и нивниот обид да го најдат сопственото место во новонастанатите околности. Низ силна авторефлексивност и богата етнографија се следат промените во општествениот систем, образованието и секојдневниот живот на луѓето, промените на идентитетите, како на индивидуално, така и на колективно ниво.
Издавач на книгата е Табахон од Скопје, а преведувач од англиски е Љупчо Ристески. Издавањето е помогнато од Министерството за култура на РМ. На промоцијата/разговорот ќе присуствува и авторката.
———————————————————–
Илка Тисен е родена во Берлин. Образованието го стекнала во неколку европски центри, а во 1999 год. докторирала во областа на социјалната антропологија на престижната Лондонска школа по економија, со докторска теза посветена на Македонија. Всушност, книгата „Чекајќи ја Македонија“ е базирана токму врз оваа докторска дисертација.