Фатмир Ставилеци изложува во Чифте амам

Вечерва (вторник, 27 ноември 2012 година) во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, со почеток во 19:30 часот  ќе се отвори изложба на Фатмир Ставилеци.

Најновите уметнички истражувања на Фатмир Ставилеци можат да се поделат во два тематски дискурси, од кои едниот се занимава со фигурација во која се преплетува реализмот со надреализмот, со историско – традиционален контекст, а другиот се движи во рамките на недреализмот и тоа оној од метафизички карактер.

Идентификацијата на потеклото, националниот бит, себепотврдувањето, следењето на историјата, социјал победоносните аспекти на издигнувањето на еден народ како самостоен и индивидуален, се во сржта на сцените со документаристичко-историски или наративно-емотивен набој.

Во овие платна фигурите се дадени со реалистичко-експресивни карактеристики, но Ставелици го преплетува овој реализам со надреалистичкиот штимунг во разработката на позадината во која е поставена дадената нарација. На тој начин постигнува одредена драматичност, емотивност, метафизика, која ја става емфазата врз експресивниот момент, врз осаменоста, тагата, губиток, празнина. Загаситите тонови уште повеќе ја акцентираат воздржаната драматика во делата.

Во другата група дела доминира надреалистичкото разрешување на елементите во платното, со композициска структура во која има метафизичка димензија, пришто начинот на рецепција на делата секогаш доловува специфични и иако полни со елементи, сепак напуштени и осамени предели. Пејзажи, мртви природи, непознати градови, зоо и флорални мотиви, елементи од традицијата и фолклорот, фигуративни претстави, фрагменти од човечко тело, сето тоа е само дел од репертоарот кој се ниже на платната на Ставилеци, а нивниот фантастичен и надреален спој, создава нереални конгломерации, со наративно-бајковиден карактер.

Интензитетот на колоритот и фрагментарноста на формата се специфика на ликовниот јазик на Ставилеци, а благиот транфер од еден во друг облик, од еден во друг стил, од тонска плохалност на облиците, кон минуциозна-детална реалистичност ја комплетираат целисходноста на ликовниот ангажман на Фатмир Ставилеци.

Изложбата ќе ја отвори г-ѓа Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија.

You May Also Like