Проектот за спомен куќата на Тоше Проески на „Синдикат студио“ ја доби наградата за најдобро архитектонско дело за 2011 година на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона.
Со 15.078 гласови од целиот свет што Меморијалниот споменик за Тоше ги доби на интернет порталот Open Buldings, тој по првата фаза беше на првото место, по што доби и најмногу гласови и од жири комисијата.
На второ место на натпреварот, за кој гласањето заврши вчера попладне, е Музејот на сеќавањата и толеранцијата во Мексико Сити и Атмосфера во Калкута.
Годинава прв пат е воспоставена наградата People’s choice Award, со што за своите фаворити гласаа не само архитекти, туку и луѓето од целиот свет. Од пријавените над 1.000 проекти, право на учество добија 704. Објектите можеа да бидат од разни категории, а главен критериум за учество во гласањето беше да се завршени оваа година. Спомен куќата на Тоше беше меѓу фаворитите oд почетокот на гласањето во август годинава.
Спомен-куќата на Тоше беше отворена на 25 април годинава. Лоцирана е на Гумење во Крушево на површина од 870 метри квадратни. Има форма на крст, изградена од бетон и стакло, според идејниот проект на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски.