Денеска (вторник, 18 септември, 2012 година) од 10:00 часот во Прес-центарот при Центарот за култура во Битола ќе се одржи конференција со неколку значајни имиња од светската кинематографија.
Гостин на прес – конференцијата ќе биде кинематограферот Луц Рајтемаер од филмот „Бел елен поле“ од главната програма, а модератор ќе биде Благоја Куновски –Доре.
Од документарната програма ќе присуствуваат двајца гости и тоа продуцентот Марко Гастин од филмот „Плоштад Синтагма“, Атина и режисерот Дамјан Козоле од филмот „Долгиот одмор“. Модератор на овој дел од прес конференцијата е Гена Теодосиевска.
Во текот на денот ќе бидaт одржани два воркшопа. Првиот е „Сè за звукот на филм“ со Томас Гаудер во 11:00 часот во Малата сала на Центарот за култура. Гаудер ќе даде краток увид во неговиот опус работејќи во овој домен од филмската продукција.
Во истиот простор од 13.30 часот следува „Фотографијата како ситем за комуникација“ со Миладин Чолаковиќ.
На пладне е закажана и промоција на книгата „Современа популарна култура“ на Сенка Анастасова во Фестивалскиот центар со Митко Хаџи-Пуља како промотор.