Промоција на монографија и донација на дела од Омер Калеши во Даут-пашин амам

Утре (вторник, 18.09, 2012 година) во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам, во 13:00 часот ќе се одржи промоција на монографијата „Главата на Омер Калеши во светското сликарство“ од Јордан Плевнеш и ќе се озваничи донацијата на две дела од Калеши, за колекцијата на Националната галерија на Македонија.

Националната галерија, национална установа со над 60-годишно работење во насока на зачувување и промоција на македонската ликовна уметност со овој чин на донација на две дела од сликарот Омер Калеши ја збогатува својата колекција на дела кои го пополнуваат мозаикот на македонската ликовна уметност.

Јубилејот на Омер Калеши – 50 години творештво и 80 години живот, влезе во листата на прослави на Собранието на Република Македонија, и по тој повод сликарот Калеши лично ќе подари две дела на Националната галерија на Македонија за нејзината постојана поставка. Омер Калеши е детерминиран како уметник што го обединува вечно разиденетиот Балкан. Во исто време и Македонија, Албанија, Косово и Турција го слават творештвото на овој автор како препознавање на нивните ликовни и духовни традиции, како што беше и неговата ретроспективна изложба одржана во УНЕСКО, Париз во 2002 година.

На промоцијата на книгата и свечениот чин по повод донацијата на дела од Омер Калеши свое обраќање ќе имаат г-ѓа Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија, г-дин Климе Коробар, основач на Асоцијацијата за култура ИКОН, г-дин Јордан Плевнеш, основач и ректор на Универзитетот за аудио визуелни уметности ЕСРА и Омер Калеши, уметник.

You May Also Like