Промоција на „Куќичка за птици-преселници“ од Ѓоко Здравески

Денеска (понеделник, 10 март 2014), во холот на МКЦ Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Куќичка за птици -преселници“, поезија на Ѓоко Здравески. Почетокот е закажан за 20:30 часот.

Ѓоко Здравески е роден на ден Летник, 1985 во Скопје. Пишува поезија, кратки раскази и есеи, а чита и што треба и што не треба. Досега објавил две книги поезија: Палиндром со две н (2010) и куќичка за птици-преселници (2013), издание на Антолог.

„Ако просторот е алвеола набиена со време, во коe се збиднуваат различните животни собитија, тогаш поезијата е алвеола набиена со слики, метафори и метонимии, чувства, со мисли, со зборови што се претвораат во меѓници на бесконот. Не можејќи ништо против времето, човекот се решил да му се одмаздува на просторот. Го исцртува, гo мапира, издигнува бедеми, граници, потем ги премостува, преминува, се преселува, патува. Патуваат и мислите од својот извор во душата на поетот до конечното закотвување на страниците хартија. А таму создаваат светови, мимезиси на стварноста или утопии што (ние) ги посакуваме, да постојат. Таму, на страниците хартија, помеѓу контрастот на белата позадина и испишаните црни букви, се вдомува дел од поетовата душа, додека самиот поет како преселник продолжува да го бара својот Дом, како река што ита кон својата утока во морето, како атман, кој нестрпливо чека да завршат сите негови реинкарнации за да може да се обедини со бескрајот“ – Катица Ќулавковa.

You May Also Like