Проовирано аудио издание на традиционални песни од Источна Македонија

Десет композиции – осум песни и две ора од Малешевијата, Пирин, Осоговијата и Овче Поле, содржи цедето „Од македонското поднебје – кон Исток“ беше промовирано во Музејот на македонската борба во рамки на фестивалот „Скопско лето“. Песните беа изведени од фолк-пејачот Душко Георгиевски, а изведувач на кавал, гајда, тамбура и тапан  Бајса Арифовска, која свири на повеќе народни инструменти.

Таа е автор на аранжманот на композициите, меѓу кои има и досега непознати за пошироката јавност. Во снимањето на материјалот се придружиле и нејзините колеги Златко Димитријоски на тамбура, Емил Адамски на гајда и кавал и Ратко Даутовски на тапан, како и колеги од пејачката група од Националниот ансамбл „Танец“ каде што Арифовска е асистент во оркестарот.

Оваа мулти инструменталистка и професор по традиционални инструменти не издвојува најтежок за свирење зашто, вели, тоа не постои кога се има професионален пристап и голема љубов кон работата.

Љубовта кон фолклорот ја одвела во водите на музицирањето на традиционалните инструменти. Постојано, ја влечел звукот на традицијата и одела на места каде што се свири и пее, во фолклорни друштва, разни семејни седенки и веселби…

Постојано е во контакт со публиката која, според неа, умее да го препознае и вреднува изворниот мелос, наспроти она што ѝ се нуди како новокомпонирана музика и турбо-фолк.

– Владее тотално лудило и сме под разни влијанија од соседите. Тотален културолошки крах каде што е многу тешко уметник со изразени естетски вредности да исплива на сцена и да го одржува својот уметнички дух. Онаа публика којашто знае да препознае, да вреднува и да ужива во убавото, се издвојува, секако, и знае да врати. За нас, артистите, тоа е релевантен показател дека нешто сме направиле добро или лошо. Публиката дефинитивно не може да се излаже, чувствува и реагира на свој начин. А традиционалната музика е секогаш добредојдена, најпрво во својата земја, а уште повеќе надвор, додава Арифовска во изјава за МИА.

You May Also Like