„Човечка фигура“ на Сејди Капланај – изразување на човечкиот диверзитет преку сликарството

На 03.04.2025 година во 19:00 часот, во објектот Чифте амам, ќе биде отворена изложбата на Сејди Капланај „Човечка фигура“.

Сејди Капланај е ликовен уметник од Косово (1956). Дипломирал и магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Приштина под менторство на Муслим Мулиќи. Претставник е на апстрактниот експресионизам од 80-тите до денес. Неговиот најнов циклус слики во акрилна техника „Човечка фигура“ ќе биде претставен во објектот Чифте амам со 40тина дела во различни формати. Изложбата генерално говори за човечкиот диверзитет преку сликарство. Низ неговите дела Капланај го претставува човекот обработувајќи ги темите на човечките вредности, емоциите и општеството. Секое дело е длабок одраз на човековата различност, патување кое ги истражува различните димензии на природата и искуствата на поединците, изразени преку бои и форми. Боите играат важна улога, бидејќи тие не се само естетски елементи, туку и алатки за изразување на емоции, идентитети и различни ситуации кои луѓето ги доживуваат во секојдневниот живот. Од топли бои кои претставуваат страст, чувствителност и човечки врски, до ладни нијанси кои ја одразуваат осаменоста, несигурноста или рефлексијата, секоја слика е богата и разновидна приказна што го привлекува вниманието на гледачот и го поттикнува да размислува подлабоко за човечката природа.

Темата „Човечка фигура“ е отворено истражување на човечкиот диверзитет, опфаќајќи не само чувства и искуства, туку и различни културни, социјални и емоционални аспекти на поединците. Секоја личност е уникатна, но сите споделуваме заеднички искуства кои не поврзуваат како вид. Оваа изложба е можност да се размислува за комплексноста на човековата природа и да се цени убавината на разликата и богатството што секој поединец ги носи во општеството.

„Секоја фигура претставена на оваа изложба е лично толкување на тоа што значи да се биде човек во денешниот свет. Сликите не се само портрети, туку се креации кои го претставуваат внатрешното патување на поединците, соочувањето со реалноста и обидот да се најде вистински идентитет. Со користење на техниката акрил на платно, имам можност да си играм со различни слоеви, создавајќи движење и дисперзија на бои кои ја одразуваат различноста на мислите и чувствата што ги доживуваат луѓето.

Оваа изложба е повик да погледнеме подлабоко во она што не прави луѓе и како подобро да ја разбереме различноста што постои во секој поединец. Моите слики се мост меѓу луѓето и можност да се разбере дека, и покрај нашите разлики, сите ние сме дел од богат мозаик, поврзан преку нашата заедничка емпатија и искуства. Се надевам дека оваа изложба ќе поттикне размислување и ќе создаде простор за споделување мисли и емоции, поканувајќи ги посетителите да ја видат „Човечката фигура“ не само како уметност, туку и како можност за подобро поврзување и разбирање себеси и другите“, изјавува Капланај.

Изложбата ќе биде поставена до 13 април 2025, а куратор е Нарона Љума Весели.

Биографија

Сејди Капланај е роден на 18 мај 1956 година во Гларева-Клина, Косово, во просечно, повеќечлено семејство. Неговото патешествие како уметник започна во неговото родно место, каде што го завршил основното образование, а техничкото образование (четиригодишно) во Пеќ, отсек Ентериерна архитектура.

Воден од страста за уметничка експресија, Капланај ги продолжил студиите на Академијата за ликовна уметност во Универзитетот во Приштина во 1977 година, каде што навлегол во светот на сликарството под менторство на професорот Муслим Мулиќи. Токму тука Капланај ги усоврши своите вештини, поставувајќи ги темелите за плодна кариера во уметноста.

За време на студиите, тој работел во различни европски земји како портретист за време на летните одмори, вклучувајќи ги Грција, Хрватска и Италија, каде подоцна учествувал на колективни изложби. Во текот на 83 и 84 година, додека служел како војник во поранешна Југославија, одржал и две изложби.

Во март 2001 година, Капланај се стекна со истакната титула мајстор на сликарство, зацврстувајќи го својот статус на истакната личност во светот на уметноста со својата теза насловена „Национална трагедија“, на Универзитетот во Приштина. Веднаш по студиите, Капланај, како наставник по уметноста, во родното место се посветил на негување на креативните таленти на студентите, која дејност ја вршел дваесет и пет години, до 2002 година. Потоа продолжил да работи како самостоен уметник. Учествувал на изложби во странство, главно во Италија, каде што работел како сликар во поголемиот дел од својот живот. Живее и твори во Косово во своето ателје и во Италија.

Во ноември 2024 година, тој беше дел од биеналето „Експо Ферара“ во Ферара, Италија, со една од сликите избрана од циклусот „Човечки фигури“, каде дел од жирито беа имињата како: Мирта Мерлино, Марко Тардели, Едоардо Силос Лабини и Виторио Сгарби.

Неговите истражувачки теми длабоко одекнаа кај публиката, добивајќи признание на локално и меѓународно ниво. Тој учествувал на бројни колективни изложби и во земјата и надвор од неа.

You May Also Like