Лау Кинг Џи од Хонг Конг ја отвори ликовната манифестација „Мал битолски Монмартр“ која се отвори синоќа во Битола …
Осумгодишниот Лау Кинг Џи од Хонг Конг кој годинава четврт пат доаѓа во Македонија ја отвори меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ која синоќа почна во Битола.
Кинеската делегација годинава е најбројна со 30-на ученици, наставници и родители, а во Битола, Охрид и Крушево до 30 мај ќе творат и деца од Индија, Русија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција, Бугарија, Украина и од Македонија.
– Го отворам овој прекрасен фестивал. Во Битола се чувствувам одлично и подготвен сум да цртам низ улиците во овој град. Секогаш имам инспирација на најдобар начин да го покажам тоа што сум го научил, истакна Кинг Џи, годинaшен добитник на златен медал на меѓународната ликовна колонија во овој град.
Според градоначалникот Владимир Талески манифестацијата „Мал битолски Монмартр“ претставува еден од најзначајните културни настани во Битола и од Битола, кој ги собира младите ликовни амбасадори од целиот свет.
– Децата се полни со љубов и ентузијазам, и убеден сум дека ќе направат прекрасни слики. Не знам дали во некоја друга држава постои слична манифестација на оваа која е преполна со детска ликовна креација. Уметниците не знаат за граници и верувам дека фондот на слики ќе биде уште повеќе зголемен. Моето присуство е во знак на поддршка на оваа манифестација, а по завршувањето ќе помогнеме во реконструкцијата на детското ликовно студио кое деновиве беше опожарено, посочи Талески.
Меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ се одржува по 33-ти пат, а нејзиниот пример и имиџ го следат ликовните манифестации во Евора-Португалија, Хонг Конг, а наесен и во кинескиот главен град Пекинг, потврди основачот на оваа светски позната манифестација за деца Коста Хаџиантоновски на синоќешното отворање во Битола.