На 4 и 5 септември (петок и сабота), со почеток во 22:00 часот (влезница 150 денари), филмофилите ќе имаат уникатна можност да ги проследат проекциите на американскиот филм ЏОКЕР, еден од најзборуваните филмови минатата година во светски рамки.
ЏОКЕР (Joker)
Игран филм, САД
2019, 122 мин., колор, ДЦП
Режија: Тод Филипс (Todd Phillips) Сценарио: Тод Филипс, Скот Силвер (Todd Phillips, Scott Silver)
Улоги: Жоакин Феникс, Роберт Де Ниро, Зази Биц (Joaquin Phoenix, Robert De Niro, Zazie Beetz)
Во 1981 година, Артур Флек работи како кловн и има стремеж да стане стенд-ап комичар. Флек живее со својата мајка Пени во градот Готам, полн со криминал и невработеност, обесправено и осиромашено население.
Артур страда од ментално нарушување што го предизвикува да се смее во несоодветно време. Откако ќе биде нападнат од улични деликвенти, неговиот колега Рандал му дава пиштол за заштита. Артур ја запознава својата сосетка, самохраната мајка Софи Думонд и ја поканува на неговата претстојна рунда на стенд-ап во ноќен клуб. А откако ќе биде понижен и нападнат од тројца пијани менаџери во метрото, ја започнува неговата војна, сам против сите, станувајќи анархичен херој на обесправените…
ЏОКЕР е психолошки трилер во режија и продукција на Тод Филипс, кој е и сценарист заедно со Скот Силвер. Филмот е базиран на ликовите од стриповите на DC Comics.
Филипс го замислил ликот на Џокер во 2016 година и го напишал сценариото со во текот на 2017 година. Тој и Силвер биле инспирирани од филмовите на Мартин Скорсезе (особено ТАКСИСТ и КРАЛОТ НА КОМЕДИЈАТА), кој првично бил заинтересиран за проектот како продуцент. Стрипот „Бетмен: Убиената шега“ (1988) бил основа за филмот, но Филипс и Силвер не барале конкретни стрип-ликови за инспирација.
ЏОКЕР добил бројни признанија, меѓу другите и 11 номинации на 92. доделување на наградите Оскар (освои награди за најдобра машка улога – Жоакин Феникс – и за најдобра оригинална музика – Хилдур Гуднадотир). Феникс и Гуднадотир исто така победија на церемониите на кои се доделувале наградите за Златен глобус и БАФТА .
Жоакин Феникс како Артур Флек или Џокер е стенд-ап комичар исмеван од страна на општеството заради неговото ментално нарушување, па решава на сила да ги решава социјалните проблеми и во семејството (ментално болната мајка) и во општетсвото. За потребите на улогата Феникс успеал да ослабе цели 24 килограми и креирал посебен стил на смеење кое многу пластично ја доловува неговата болка.
Роберт Де Ниро ја игра улогата на Мареј Френклин, водител на стенд-ап шоу кој го понижува Џокер, па главниот јунак му возвраќа со буквален цитат од улогата на Де Ниро од филмот ТАКСИСТ…