Со изложбата „75 / 75“ Националната галерија на Македонија одбележува 75-годишен јубилеј

Во објектот Чифте амам,  во срцето на Старата скопска чаршија вечерва (среда, 19 јули 2023) , со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата под наслов „75 / 75“.

Со тоа Националната галерија на Македонија ќе го почне одбележување на јубилејот – 75 години од формирањето на Националната галерија.

– Континуираната успешна визија и мисија на нашата институција за собирање, чување, заштита и презентација на културното наследство, симболично ја крунисуваме со изложување на 75 ексклузивни уметнички дела – слики и скулптури. Селекцијата на едни од најрано прибавените, исклучително вредни експонати за нашата колекција, се базира на дела во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам, со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот – велат од Националната галерија.

На изложбата „75 / 75“ ќе бидат претставени дела од: Сава Шумановиќ, Матеј Стернен, Константин Данил, Никола Алексиќ, Стефан Тодоровиќ, Весна Соколиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Матеј Јама, Надежда Петровиќ, Зора Петровиќ, Пјер Крижаниќ, Петар Добровиќ, Моша Пијаде, Влахо Буковац, Крсто Хегедушиќ, Марко Мурат, Леон Коен, Целестин Медовиќ, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Ќорќи Јаков Зографски, Коста Шкодреану, Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов Аврамовски, Катја Ефтимова, Лена Стефанова (сликари); Антун Аугустинчиќ, Воин Бакиќ, Тома Росандиќ, Петар Палавичини, Иван Мештровиќ, Димо Тодоровски, Љубомир Стефановски, Борка Аврамова, Франо Кршинич, Борис Калин, Ристо Стијовиќ и други.

Изложбата ќе биде отворена заклучно со 19 август 2023 година. На 2 август, датум кој се совпаѓа со отворањето на Галеријата, влезот во сите објекти ќе биде бесплатен.

You May Also Like