Во петок (20.04.2012) со почеток во 20:00 часот, на големата сцена во МОБ ќе се изведе една од најубавите италијански комични опери „Севилскиот берберин“ од Џоакино Росини.
Главната улога на Розина ќе ја исполни мецо-сопранот Ирена Кавкалевска. Во улогата на Фигаро ќе настапи баритонот Владимир Андриќ (Србија). Грофот Алмавива ќе го игра тенорот Благој Нацоски. Дон Базилио е басот Владимир Саздовски и Дон Бартоло – баритонот Ернес Ибраимовски. Со оркестарот, хорот и солистите ќе диригира Бисера Чадловска. Режијата е на Димитрие Османли со сценографија на Живојин Трајановиќ. Костимите се на Елена Дончева.
Ова е една од Росиниевите најбарани и една од неговите најпознати опери. Светската премиера ја доживува на 20.02.1816 година во Рим. Македонската премиера на 13.02.1954 година во Скопје. Либретото е на Чезаре Стербини според истоимената комедија на Бомарше. Дејството се одвива во шпанскиот град Севилја во средината на 18-ти век.
Росиниевите дела се двеста години на репертоарот на оперските куќи ширум светот.