Македонската филхармонија на турнеја во Кина

Од 26 декември до 8 јануари, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја оствари долгоочекуваната турнеја во НР Кина.

Во рамките на двонеделната турнеја „7 концерти во 7 градови во Кина“, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи седум концерти во седум импозантни концертни сали во: Хохот – во театарот Хохот, Таијуан – во Шанжи театарот, Тангшан – во истоимениот театар, Женгжу – во фасцинантното истоимено здание, како и во театрите во градовите Хенгшуи, Хефеи и Донгуан.
Турнејата во Кина ќе ја предводи маестро Јерухам Шаровски од Израел, кој неколку години наназад е чест гостин-диригент со Македонската филхармонија.

Како солисти ќе настапат кинескиот пијанист Хају Жанг, кој ќе го изведува Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Петар Илич Чајковски, како и виртузите на кларинети, браќата Даниел и Александар Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел, кои беа солисти и на Гала-новогодишниот концерт на Македонската филхармонија „Точно на полноќ“. На програмите на концертите во Кина се и дела од Гершвин, Бизе, Глинка, Штраус…

Оваа турнеја е од голема важност за институцијата, бидејќи е прва турнеја во Азија и тоа со целиот симфониски состав“, вели Виктор Илиески, директор на Македонска филхармонија. „Од контактите кои што ги имаме во Кина, промоторите и менаџерите од оваа турнеја, се очекува да се отворат и дополнителни можности за настапи на Филхармонијата во други азиски држави. Драго ми е што еден од менаџерите беше присутен на отворањето на концертната сезона на Македонската филхармонија и тој беше презадоволен од нивото на филхармоничарите, а тоа е најбитната работа за организирање на вакви комплексни турнеи. Сакам да искажам голема благодарност и до кинеската амбасада во РМ која ни излезе во пресрет за визите, но и за нивното интересирање за целиот процес. Мило ми е што младите генерации кои се дел од оркестарот ќе имаат можност да го искусат концертирањето на друг континент, што е чест случај за големите светски оркестри. Оваа турнеја ќе биде огромна мотивација за сите музичари и се надевам дека, како и во Шпанија, ќе ја претставиме државата и институцијата, од секој аспект, на најдобар можен начин“, додава Илиески.

Кина во изминатите години бележи огромен подем во развојот на културата. Изградени се голем број на нови концертни сали, а дел од нив важат за најдобрите културни архитектонски зданија во светот.

You May Also Like