IN MEMORIAM: Почина Боро Митриќески

Почина академик Боро Митриќески (10.05.1927, Варош, Прилеп – 24.11.2018, Скопје).

Основното образование го завршил во Прилеп, а Уметничка школа завршил во Скопје, 1948/49, каде што ги добива првите познавања за скулптурата од професорот Димо Тодоровски.

Студира на АЛУ во Загреб, каде што професори му биле Антунац, познатиот портретист, и Крстуловиќ. Дипломирал на истата Академија во 1954, во класата на скулпторот Вања Радуш. По завршувањето на студиите, извесен период работи како ликовен педагог во основното училиште Даме Груев, потоа како слободен уметник. Изложувал на општите изложби на македонските ликовни уметници заедно со членовите на ДЛУМ и групата МУГРИ.

Во текот на 60-тите од минатиот век бил професор во Средното уметничко училиште во Скопје. Од 1979 до 1987 е директор на Уметничката галерија „Скопје“ – Скопје (сега НУ Национална галерија на Македонија), на којашто функција и се пензионирал. На 26.07.1997 е примен за редовен член во Македонската академија на науките и уметностите.

Реализирал 17 самостојни изложби во Скопје, Прилеп, Пробиштип, Загреб, Белград, Виена, Елванген, Герландех, а учествувал на бројни изложби во земјава и во странство.

Митриќески има реализирано над 350 дела како фигури, актови, композиции, торза, потоа портрети и скулптури ситна пластика (дрво, мермер и бронза). Активно се бави и со таканаречената интимна пластика или скулптура од галериски формат. При своето ликовно искажување користи трајни материјали, како што се бронза, мсрмер и дрво. Акад. Митриќески своето творештво го насочил во две насоки: едната е големата пластика, а втората интимата, односно пластиката на ентериерот, т.н. скулптура од галериски формат. Акад. Митриќески се инспирира и со поблиската и подалечната национална историја, и тоа скулптурите и релјефите-портрети на Св. Климент и Св. Кирил и Методиј, потоа портретите на преродбениците, особено портретот и фигурата на Марко Цепенков. Како мотив и трајна инспирација кај авторот се присутни Илинден и НОБ.

Боро Митриќески зазема истакнато место во македонската ликовна уметност како припадник на т.н. средна генерација на македонските сликари и вајари, генерација што внесе радикални промени во нашето пластично творештво, доближувајќи го него до најзначајните актуелни токови на современото европско и американско вајарство, тој оствари портрети, камерни лирски форми, релјефи, монументални скулптури и композиции што претставуваат трајна вредност на македонската скулптура во изминатите шест децении.

Во своето богато и повеќегодишно творештво Митриќески поминал низ многу фази, но секако ќе остане запаметен како еден од најзначајните портретисти. Класично, или надвор од сите норми има создадено над 50 портрети, од најблиските членови на семејството, до пријателите и колеги Драгутин Аврамовски-Гуте, Танас Луловски, Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Лазар Личеноски.

Во портретите „Мојата мајка“, „Блаже Конески“, „Лазар Личеноски“, „Петар Мазев” и др. многу успешно го доловува карактерот и психолошкиот израз на личноста, додека приодот во третманот на пластиката во фигурата е постилизиран и упростен, со нагласен лиризам и мекотија, што упорно ја следат структурата на матeријалот.

Комеморацијата ќе се одржи во понеделник 26.11 од 10 часот во МАНУ, а погребот истиот ден од 12.30 часот.

Фото: ФБ профил на ДСУЛУД ЛАзар Личеноски

You May Also Like