Монгани Вали Сероти годинешен лауреат на „Струшки вечери на поезијата“

Поетот Монгани Вали Сероти од ЈАР (Јужно африканската република) е добитник на годинашниот „Златен венец“ на 51-те Струшки вечери на поезијата, соопшти на денешниот прес раководството на фестивалот.

Роден 1944 година во Јоханезбург, творечки се развивал во апартхејдот и како автор се посветил на неправдите и суровата реалност на црнците и нивната култура.

– Чест и привилегија ми е што вашата манифестација донела одлука да ме одликува со престижната награда „Златен венец“. Живеете во многу убава и историски многу просветителска земја, а наградата е навистина престижна судејќи по тоа кои биле досегашни добитници. Вистина е дека Македонија се смета за светска поетска престолнина. Сигурен сум дека моето доаѓање таму ќе биде посебно и трајно искуство, а исто така ќе ме збогати како личност, напишал Вали Сероти во своето обраќање, по повод добивањето на наградата.

Раководството на Струшките вечери го соопшти и добитникот на наградата „Мостови на Струга“ за најдобар поет дебитант која фестивалот ја доделува заедно со УНЕСКО. Таа ќе му припадне на францускиот поет Франсоа Ксавие Мегр, роден 1982 година.

– Овие автори ќе бидат дел од годинашното големо творечко градилиште, како што ги нарекува Струшките вечери големиот француски поет Жак Горшон, и заедно со останатите поети ќе му испратат на светот срдечни и пријателски пораки на сите јазици и писма, соопшти министерката Канческа Милевска.

Таа се заблагодари на Данило Коцевски, досегашниот директор на СВП  кој заминува во пензија, а тој рече дека во изминатите четири години сакале да внесат многу новини во фестивалот.

– Сакавме да соработуваме и со што повеќе светски имиња и организации и воспоставивме широка мрежа во која се Светскиот поетски конгрес и Европската поетска асоцијација. Тоа е сигурна база врз која стојат Струшките вечери на поезијата и ќе се развиваат во иднина, рече Коцевски.

Одлуките за годинашните добитници на наградите ги прочита претседателот на Управниот одбор, Славе Ѓорго Димоски кој изјави дека и годинава манифестацијата ја исполнува својата задача преку различностите, да се зачува духовното единство на светот.

You May Also Like