Скопско лето: Бугарската претстава „Приказна од предиво“

Вечер (среда, 18 јули) во 21:00 часот на летната сцена на платото пред Универзалната сала ќе биде изведена претставата „Приказна од предиво“ во продукција на Театар „Илкова“ од Софија, Бугарија.

Плетачката  во нејзината корпа ни носи клопчиња од предиво, игли и други интересни работи со чија помош  ќе ни ја раскаже приказната за принцезата Павлушка. Во едно далечно кралство од предиво, Кралот и Кралицата многу сакале да спијат и сонуваат. Од нивните соништа ќе разбереме што најмногу сакале да прават. Но, така тие сонувајќи ја оставаат малата принцеза сама и тогаш таа почнува да си игра со недозволени работи. Ја пушта чешмата и пред нас се шири вистинска поплава од предиво. Кралството е во опасност. Тоа е спасено од секогаш будниот стражар. Павлушка добива казна. Ја заклучуваат на“страшниот таван”.

Во почетокот таа е уплашена, но, како кај секое дете и кај Павлушка надвладува љубопитност и играта продолжува. Овој пат таа наидува на ужасните волшебни пилули, сокриени со векови на најдлабокото место на таванот. Таа го пие првото, мислејќи дека е бонбона, и покрај предупредувањата од раскажувачката . Оттука почнуваат неволјите кои следат. Кревката принцеза во почетокот станува дебела, огромна, а потоа добива долг врат, како жирафа, и расте повисоко и од кулата на дворецот за да  на крај самата се смалува толку што станува помала и од апчињата. Со тоа шансите да се врати во нормала исчезнуваат. И повторно треба да интервенира будниот стражар, кој крева тревога и ја носи во болница, каде што се грижат долго за неа, се додека не се среди. Следува финална песна-поука.

Автор и режисер на театарската претстава “Приказна од предиво” е Стефка Минева, а ја изведува актерката Катерина Илкова.

You May Also Like