Јане Чаловски е еден од седумте интернационални учесници на двонеделната резиденциска програма ORTung, која годинава по десетти пат, во периодот од 20 јуни до 3 август, ќе се одвива во Стробл, Австрија, а е финансирана од страна на владината програма на Салзбург.
Годинешната тема на ОРТунг, e Окупација и се осврнува на конотативните значења и потенцијални форми на окупација во Стробл. Окупирањето истовремено значи обележување на индивидуален простор, но и дефинирање на нови колективни отворени простори, во духот на историјата на уметноста на 20 век, како дисциплина која се оттргнува од академизмот и креира отворени простори. Окупирањето е потреба за преобликување, реструктурирање, но секако, и желба за создавање граници.
Централен аспект во креативниот пристап на Јане Чаловски е прашањето за конструкција на идентитетот на одредено место, заедница или, воопшто, одреден контекст, како и улогата која ја имаат одредени симболични практики, слики, споменици, архитектонски објекти итн. Следствено на темелните и временски опширни теренски истражувања, тој создава контекстуално – специфични инсталации кои ги реактивираат постоечките приказни и фрлаат нова светлина врз истите.
Останати уметници, покрај Чаловски, кои ќе бидат дел од годинешната програма на ORTung се: Лариса Ахарони (Романија), Сесилија Браун (Автсрија), Махмуд Калед (Либан), Аино Емилија Корвенсирја (Финска), Даниел Сеипл (САД) и Бо Женк (Кина). Сите уметници во 2013 година ќе изложат во Кунстхале Салзбург еден од најистанкатите центри за современа уметност во Автсрија.
——————————————————
Јане Чаловски студирал на Факултетот за ликовни уметности во Пенсилванија, САД (1992-96) и колеџот Бенингтон (1997) и завршил постдипломски студии во Китакјушу, Јапонија (1999/00) и Академијата Јан ван Ајк во Мастрихт, Холандија (2002/04).
Досега самостојно се претставувал и во Лондон, во галеријата “Тејт Британ”, во Еуропеан Кунстхалле во Келн, како и на “Манифеста 7” во Болзано, Италија.
Чаловски е првенствено уметник, но истовремено работи и како куратор. Тој припаѓа на генерацијата на современи уметници кои својот ликовно–теоретски интерес го конципираат и низ кураторската пракса. Кураторските проекти на Чаловски се суштински дел од неговото интелектуално интересирање и делување.
Во 2004 Чаловски заедно со уметничката Христина Иваноска (со која соработува од 2000 година на повеќе проекти) го етаблираат програмскиот концепт на проектниот простор „прес ту егзит“ во рамки на кој има реализрано, самостојно и во соработка, голем број изложби, предавања и проекти со домашни и странски уметници, куратори, и теоретичари.