Петре Прличко (Велес, 13 март 1907 – Скопје, 16 ноември 1995) — истакнат македонски глумец во повеќе филмови, театарски претстави и телевизиски екранизации. Сам по себе претставува вистинска легенда и зазема голем удел во македонското глумиште во XX век.
И покрај тоа што бил запишан во гимназија, Петре Прличко не останал долго време таму. Во 1923 година ја напушта гимназијата и се приклучува кон патувачката група на Михајло Лазиќ. Откако прошетал низ неколку театарски дружини, во 1931 година, охрабрен од начинот на кој го примила публиката, тој основа свој сопствен театар „Боем“.
Од 1939 г. членувал во Народниот театар во Скопје, па од 1944 г. во партизанскиот театар „Кочо Рацин“ кој подоцна прераснува во Македонскиот народен театар. Токму тука неговиот талент блеснува во полн сјај и тој станува најзначајната личност на македонската сцена во тоа време. Во меѓувреме го испробува својот талент и како театарски режисер.
Со филмот „Фросина“ (1952) тој го доживува своето филмско деби. Со своите импресивни комични трансформации и изведби на улоги на „човек од народот“ го истакнува својот посебен уметнички сензибилитет, на ниво на кое може да му завидат многу други наши глумци.
Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои наградите: АВНОЈ, „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, Орден за заслуга (доделен од Георги Димитров) и други.
Во една прилика Петре Прличко изјави дека сепак ако мора да избере една улога како најдрага тоа секако ќе биде „Манданата“ т.е. неговиот лик во филмот „Мис Стон“, за која ја доби и наградата „Златна арена“.
Од неодамна востановена е награда за животно дело „Петре Прличко“ која се доделува на глумец од средната генерација и таа се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и соодветна парична награда.
Во 2004 година Јелена Лужина објавила монографија за Петре Прличко, во издание на „Магор“.
Награди
1959 Пула — „Златна арена“ за главна машка улога во филмот „Мис Стон“
1991 Ниш — награда „Славица“ за животно дело.
Филмографија
Година Филм Улога
1949 Мајка Катина Ловет
1952 Фросина, Кузман (главна улога)
1955 Волчја ноќ, Паун (главна улога)
1958 Мис Стон, Мандана
1959 Виза на злото, Кузман (главна улога)
1960 Капетанот Леши, Сок (споредна улога)
1961 Мирно лето, Стрико Тале (главна улога)
1961 Парче плаво небо, Дедо Филип
1961 Солунските атентатори, Никола Попов (главна улога)
1961 Твојот роденден, Домарот (главна улога)
1962 Пресметка
1964 Народен пратеник, Јеврем Прокиќ
1964 Марш на Дрину, Трајко
1965 Не се враќај по истиот пат, Кирил
1965 Денови на искушение, Фезлиев (главна улога)
1966 До победата и по неа
1967 Каде по дождот (споредна улога)
1967 Македонска крвава свадба, Мојсо (главна улога)
1967 Мементо, Коле (главна улога)
1968 Планината на гневот, Моне (главна улога)
1968 Братот на доктор Хомер, Лекарот
1969 Републиката во пламен, Дојчин (главна улога)
1971 Жед, Дедото (споредна улога)
1971 Македонски дел од пеколот, Лоце (главна улога)
1974 Капетанот Микула, Мали Дида
1974 Ужичка Република, Пекарот
1978 Златни години, Берберот
1978 Курирот на Гоце
1980 Време, води, Ламбе Футак (главна улога)
1982 Илинден
1987 Ѕвездите на 42-та Дедото
1988 Тврдокорни
1990 До, ре, ми
1993 Бог да ги убие шпионите
1999 Време, живот