Вечер (понеделник, 23 јули) во 21:00 часот во Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје, концерт ќе одржи шпанската група „Офир“. Специјални гости се хорот „Моис Хасон“ при Еврејската заедница на Македонија и диригентот Томислав Шопов.
Ofir е шпанска група која исполнува стара сефардска музика, чии текстови и мелодии го задржуваат вековното наследство, додека аранжманите и тембрите му даваат современ звук и се доближуваат до европската фолк музика на седумдесеттите, нордискиот џез-рок, афро ритамот, психоделичниот рок на шеесеттите и џезот.
Камерниот хор на ЕЗРМ го носи името на талентираниот еврејски диригент и композитор Моис Хасон (1913-1943). Тој особено бил активен во зачувувањето и негувањето на сефардската музика и водел неколку хорови во Скопје. Ја доживеал истата судбина како и најголемиот дел од Евреите во Македонија – во март 1943 година бил однесен во концентрациониот логор Треблинка. Хорот “Моис Хасон” ја почнува својата активност во февруари 2004 година. Составен е од аматерски и професионални пејачи и од членови на заедницата. Хорот е високоетаблиран на различни гостувања и хорски натпревари во Белград, Ниш, Сибиу, како и на хорскиот фестивал ТЕХО. Диригент од самиот почеток е маестро Томислав Шопов. Тој е долгогодишен диригент на Македонската Опера и Балет. Диригирал над 1000 оперски и балетски претстави, концерти со филхармониски оркестри на бившите југословенски простори и во Европа. Како претставник на Еврејската заедница во Република Македонија, хорот првенственонегува изворни сефардски романси на архаичниот јудео-шпански (ладино) јазик. Со тоа се остварува долгогодишната желба за продолжување на старата хорска и музичка традиција на Евреите од овие простори.
Вечерашниот концерт е во рамките на Скопско лето 2012.