Општината Илинден, во насока на промовирање на современите културни достигнувања, од 27 до 31 мај 2013 година во Домот на култура „Илинден“ ќе ја организира 14. литературна манифестација „Илинден“ – 2013.
Централниот дел од манифестацијата, Поетскиот митинг „Ветерот донесе убаво време“ ќе се одржи во Домот на култура „Илинден“ на 30 мај со почеток во 20:00 часот, со настап на поети-претставници на младата книжевна генерација на Република Македонија. Притоа, ќе бидат промовирани 10 книги од млади автори објавени во периодот мај 2012-мај 2013 година.
Во рамките на манифестацијата во Домот на култура „Илинден“ од 27 до 31 мај ќе се одржат „Денови на книгата“ каде што љубилетлите на пишанот збор ќе можат да најдат богат избор на книги и да се запознаат со најновите изданија.
Манифестацијата ќе биде збогатена со промоција на книгата „ВМРО 1893-1903 Поглед низ документи“ на Ванчо Ѓорѓиев што ќе се одржи на 28 мај со почеток во 12:00 часот, како и романот на најчитаниот американски автор во светот Халид Хосеини „И планините одекнаа“ чија промоција е закажана за 29 мај, во 12:00 часот.
Во рамките на манифестацијата на 30 мај, со почеток во 12 часот ќе се одржи и традиционалното Литературно матине за деца, на кое ќе настапат повеќемина детски писатели.