Отворена ликовната колонија „Дебрца 2018“

Во селото Белчишта синоќа беше отворена Меѓународната ликовна колонија „Дебрца 2018“, една од најстарите манифестации од тој ви во земјата.

–  Дебрца е непресушен извор на творечка инспирација. Со колонијата живее цела Дебрца, а не само селото Белчишта, седиштето на локалната самоуправа. Ликовната колонија “Дебрца” не е обичен културен настан, туку олицетворение на уметноста и културата на Дебрца и дека уметноста и културата не се создаваат само во урбаните центри, туку и во руралните средини и на секое место каде што има креативен творечки потенцијал, истакна на отворањето на манифестацијата градоначалникот Ногачески.

Годинешните учесници на собирот ги претстави основачот на Колонијата, ликовниот уметник Ѓоко Целески, кој во оваа прилика на најдолгогодишниот претседател на УО на манифестацијта Јосиф Ефтимоски му врачи посебна благодарница.

Свеченото отворање на манифестацијата беше збогатено со поетски обраќања на професорите Мито Спасевски и Петко Шипинкароски.

Што се однесува до годинешните учесници, на повеќе локации во атарот на Дебрца ќе сликаат нашите уметници Ставре Димитров Стадим, Запро Запров, Даниела Димческа, Горан Јованов, Симон Арнаудов, Предраг Јанески, Стојче и Емилија Тоциновски, како и Тасо Констандини од Албанија и уметниците Ѓорги Андонов-Жоро, Венера Константинова и Дарина Златарева од Бугарија.

Уметниците еден ден ќе творат во пикторесниот амбиент на селото Црвена Вода, додека за десетте дена колку што трае манифестацијата тие ќе ги посетат речиси сите села во општината, вклучувајќи и посета на атрактивниот црковно-манастирски комплекс на Илинска Планина.

Ликовната колонија Дебрца по колекцијата од повеќе од 700 уметнички дела спаѓа и меѓу најбогатите во Македонија, со дела на некои од великаните на ликовната уметност од постарата генерација како Димче Коцо, Вангел Наумовски, Јоне Симонче, Јордан Манасијески, Љупчо Стефаноски, Мето Георгиевски, Менде Иваноски,Васко Ташковски, Сергеј Андреески, Мето Горгиевски, Петар Мазев…

Од 1983 година Колонијата има своја Галерија, а делата на авторите од 2005 година се презентирани во сопствени простории.

You May Also Like