Денеска (вторник, 28.08.2012 година) во кањонот Матка во Скопје, се одржа традиционалниот поетски митинг на учесниците на Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата 2012“ што секоја година се реализира под покровителство на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Присутните поети и гости во Матка ги поздрави раководителот на секторот за Јавни дејности на Град Скопје, Тања Балаќ, во име на градоначалникот Трајановски којашто на триесетината литерати им посака добредојде и убав престој во нашиот град. Јужноафриканецот Монгани Вали Сероте, којшто е лауреатот на 51-то издание на Струшките вечери на поезијата беше прогласен за почесен член на Друштвото на писатели во Скопје, со што се заокружи ова фестивалско издание на СВП.
Присуствуваа околу триесеттина поети од светот и Македонија, меѓу кои Тодор Чаловски, Раде Сиљан и Паскал Гилевски, а на сите гости им се обрати и директорот на СВП, Мите Стефоски. Поетскиот традиционален Митинг за отворен го прогласи поезијата на годинешниот лауреат, Монгани Вали Сероте, а свои творби прочитаа и поетите од Русија, Србија, Босна и Херцеговина и многу други.
На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ што традиционално секоја година се одржува на Мостот на поезијата во Струга со врачување на Златниот венец на јужноафриканскиот писател Сероте и доделување на наградите „Браќа Миладиновци“, „Мостови на Струга“ и „Иселеничка грамота“ пред два дена во заврши 51. издание на Струшките вечери на поезијата.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата за 2012 година му беше доделена на македонскиот поет Милош Линдро за делото „Основите на небото“. Признанието „Мостови на Струга“, што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант му припадна на французинот Франсоа Зарие Мегло, додека наградата за најдобар македонски поет во дијаспората – „Иселеничка грамота“ ја понесе Ивица Челиковиќ од Гетеборг, Шведска.