Моранди, Брак, Матио, Сезан постои цела низа на знаменити сликари на европската модерна на кои им беше омилен мотивот – мртва природа. Тој не е подложен на мода и секогаш има да каже нешто битно. Тоа го знае и Танас Дедов кој на охридската публика и се претставува со 22 слики на тема, во маслена техника.
Природно, амбиентот во кој егзистира неговиот речник е ентериерот, топлината на домот во кој имено преку овошјето на маса врз празнични пешкири зрачи чувството на исконски спој и радост кои уметникот ги оживува и создава како уметност. Дедов ги слика неговите композиции со исихастичка смиреност во длабока стишена контемлативност. Со еден збор, неговите слики потсетуваат на креативна ликовна молитва. Потезите на неговата четка се префинети, а тоновите на боите со мек и невин сјај кои заедно создаваат една луминозна палета со хармонично оркестрирани ефекти кои извираат одвнатре, од душата на уметникот. Учествувал на изложби во Македонија во Кочани и Скопје, како и во земјите од соседството, Србија, Црна Гора и Грција. Има освоено втора награда на Републичка изложба во Скопје во 1980-та година.
Животот како многумина од нас го фрлил во друг колосек, но без разлика на тоа не му ја изгаснал искрата на неговиот ликовен талент. Дедов неа ја разгорил и многу спонтано истата ја преточил во уметност. Тоа пак е доказ дека ликовната како и сите останати ументости не се привилегија само на академиите туку истите постојат и надвор од нив, во индивидуиите кои ги посетил Светиот Дух без да праша некој посебно за тоа.
Кога го откривте талентот за сликање и почнавте да го развививате за да сликате професионално?
– Уметникот се раѓа со дарба. Јас уште од мали нозе ја имав среќата да ја откријам и после работев доста напорно за да ја усовршувам. Иако немам завршено ликовна академија, сепак имам доста позитивни критики од ликовните критичари за мојата работа и ликовен ангажман. Редовно ги следам изложбите на моите колеги и гледам да не пропуштам ниту една заедничка изложба на ДЛУМ. Мојата последна изложба беше во Охрид минатата година на тема од македонската етнографија. Настојувам да бидам со уметноста колку што е можно повеќе, да работам во моето ателје, но и кога сум некаде надвор пак да црпам идеи од сето она што ме опкружув бидејќи во ниту една област нема успех без упорност, континуитет и посветеност.
Кога започнавте да се занимавате со портретирањето како ликовна дисциплина?
– Тоа дојде сосема спонтано бидејќи кога се занимавате со одредена област обично ги истражувате и останатите поддисциплини така што се обидувате да експериментирате со ликовниот израз, да ги збогатувате вашите знаења и да ги проширувате своите хоризонти за да можете да го пренесете вашето искуство на платното или можеби да се реализирате преку друга ликовна техника. Портретирањето бара огромна концентрација, особено кога се работи на улица бидејќи во позадина луѓето коментираат и се нетрпеливи, а вие треба, како и во секоја друга област да настојувате да бидете ефикасен и ефективен.
Дали се согласувате дека терминот улично сликарство како доста често употребуван е груб и кој воедно го отсликува односот на нашиот менталитет кон уметноста ?
– Па видете мене искрено тоа не ми пречи, можеби и е во ред да го нарекуваат така со оглед на тоа што работам на улица. Но тенденција на уметноста денес е да се случува на отворено, а и на многу други области како улични перформанси, фестивали, презентации, ликовни колонии. Секогаш има пропусти во јазикот, само се надевам дека не се тоа премногу негативни изрази кои ја окупираат нацијата во моментот и сигнализираат дека нешто сериозно се случува.
Кои од туристите најмногу сакаат портрети за себе или своите најблиски?
– Па последниве години на високото прво место се Холанѓаните, особено минатата година кога во Охрид имаше најголем број на холандски туристи после цели дваесет години. Исто и кај Србите има доста голем интерес за портрети.
За колку време во просек се црта еден потрет?
– Мене ми се потребни дваесет минути и чини 700 денари, а за двајца 1200. Мислам дека не се прескапи за наши услови, бидејќи во Кочани каде што живеам и творам многу малку се заработува, затоа доаѓам во Охрид како туристички центар.
Кога за првпат дојдовте да цртате портрети во Охрид и во кои други земји сте патувале работно?
– Најпрво работев во Грција на островите Закинтос, каде се заработуваше навистина добро и се чувствував одлично. Но после открив дека и во мојата земја можам да го спојам убавото и корисното, и го одбрав Охрид како исконски град и наша најпозната турстичка и духовна престолнина. Меѓу другото, тука добивам и дополнителна инспирација за збогатување на мојот творечки опус.
Да ве навратиме малку на вашата последна изложба минатата година во Охрид. Како бевте задоволен од интересот на охридската публика?
– Па мислам дека беше добро со оглед на тоа што обично тука изложбите не се баш масовно посетени, како што слушам и од моите колеги, но станува подобро и веќе се случува една вистинска ренесанса и пулсирање на ликовната уметност во текот на цела година. Сепак интересот е поголем од година во година и мислам дека има потенцијал во Охрид уште повеќе да заживее ликовната уметност наспрема другите уметности.
Ивана Чичоска