Вечерва (петок, 26 април) во просториите на Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија, ќе биде претставен книжевниот портрет на Михаил Ренџов, со почеток во 18:30 часот.
Михаил Ренџов е еден од најзначајните македонски литературни творци, автор на дваесетина книги поезија и неколку книги со раскази, наградувани со бројни домашни литературни признанија и неколку значајни меѓународни признанија. Неговите книги се преведени на десетина светски јазици, меѓу кои и три книги преведени на бугарски јазик. Михаил Ренџов е признат и познат македонски писател во Бугарија.
За делото на Михаил Ренџов ќе зборуваат македонскиот поет и литературен критичар Бранко Цветкоски и бугарскиот поет и преведувач Роман Кисјов. Одбрани стихови од авторот ќе чита актерот Иван Калошев во придружба на гитара од Ива Христовска.
Настанот ќе го отвори директорот на Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија, Васко Шутаров, а истиот се реализира со поддршка на Министерството за култура на Македонија и во соработка со македонското книгоиздателство “Макавеј”.