Весна Ацевска за стихозбирката „Будност. Лотос“ ја доби наградата „Ацо Шопов“ за најдобра книга поезија објавена во минатата година.
Жирито за доделување на наградата „Ацо Шопов“, во состав Гордана Михаилова-Бошнакоска – претседател и Али Алу и Бранко Цветкоски – членови, ја издвои книгата на Ацеска во издание на „Дијалог“ во конкуренција од 17 пристигнати поетски книги од 16 автори. Освен наградената, во потесен избор биле уште четири книги поезија – на Ефтим Kлетников, Иван Џепаровски, Василе Димески и Јовица Тасевски Етернијан.
Наградата „Ацо Шопов“ заедно со „Стале Попов“ за Лидија Димковска, како и наградите за критика и за литература за деца, кои минатата недела ги добија Иван Ивановски и Панде Манојлов, ќе им бидат врачени на лауреатите на 13 февруари, денот на формирањето на Друштвото на писателите на Македонија, во просториите на писателската асоцијација.