Вечерва, (сабота, 24-ти септември 2011 година) со почеток од 20:00 часот, на малата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во рамките на Охридскиот театар, ќе се одржи премиерата на претставата КАБАРЕ МИСТЕРИОЗО, работена според текстот Mistero Buffo на Дарио Фо.
Сценска верзија и режијата се на Деан Дамјановски, за дизајнот се погрижи Кирил Василев, а во претставата учествуваат: Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Билјана Билаловиќ, Ивица Цонев, Златко Митрески, Адријана Билаловиќ.
Претставата за прв пат беше изведена на 15-ти август оваа година, во предворјето на црквата Св. Софија, во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Ова е меѓу другото и прва премиера на охридска претстава на овој фестивал.
Претставата ќе продолжи да се игра на репертоарот на Охридскиот театар.
__________________________________
За текстот и претставата
Претставата Кабаре Мистериозо е работена според драмскиот текст на италијанскиот нобеловец Дарио Фо – „Мистерија Буфо“. Текстот се состои од повеќе сцени- приказни подредени во форма на средновековна мистерија. Во нив се претставени теми од Евангелието – животот на Исус, но овој пат погледнати од гледна точка на народот, неговата логика и рационалност.
Претставата е базирана на елементи од „народниот“, плоштаден театар кои вклучуваат многу музика, свирење, пеење и дигање врева, но и еден сатиричен однос кон одредени теми, важни за животот на обичниот човек. Жанровски претставата можеме да ја определиме како своевидна сатира на она што претставува религиозна догма. Овој жанр, кој има длабоки корени во македонскиот фолклор и бит, е инспириран од прагматизмот во практикувањето на религијата на овие простори.
Во овие дела на народната уметност, кои се прототипи за нашата претстава, пред се е претставена мудроста, досетливоста и чувството за хумор на народот. Ваквиот „ренесансен“ однос кон религиозната догма наспроти автентичната душевност, го претставува критичкиот однос на нашиот народ кон одредени појави и е важна карактеристика на едно здраво и напредно општество.