Момците од дуото ДНК, своето 10-годишно постоење одлучија да го прослават со концертен спектакл во Метрополис Арена. Тие со полна пареа работеа на пробите, кои што секојдневно ги имаа изминативе неколку недели, пред вечерашниот настап (24-ти септември). Акцентот на концертот ќе биде ставен на сите нумери на ДНК од нивниот втор албум „Кажано е се“, а ќе бидат отсвирени во живо со бенд.
Гости од странство на настанот ќе бидат најдобриот хип-хоп состав од Хрватска, групата Конект, потоа официјалниот Диџеј на Едо Маајка – Диџеј Оли Доболи, а специјално за концертот на ДНК од Лос Анџелес ќе допатува Диџеј Латин Принц. Концертот ќе го отвори Даз Флоу, а од македонските ѕвезди заедно со ДНК на сцената на Метрополис Арена во сабота ќе настапат Врчак, браќата Тавитјан, Дарко Илиевски, Роберт Билбилов и Магдалена Цветкоска.
– Влезниците од 22-ри до 24-ти септември се продаваат по цена од 300 денари. Поради реновирање Југотон не работи, па картите можат да се набават во Тобако Тугедер Салоните и Цвеќара Розе Веро 2 и преку продажната мрежа на мк-тикетс.На самиот ден на концертот, во сабота влезниците ќе чинат 350 денари, а вип картите остануваат по цена од 500 денари. Обожавателите на ДНК сигурно ќе ги интересира информацијата дека на самиот концерт ќе се продаваат последните 500 ЦД-а од албумот „Кажано е се“ по промотивна цена од 50 денари. По завршувањето на концертот оние кои што ќе купат ЦД ќе можат да добијат и автограм од Панчо и Андреј и да се фотографираат со нив – изјавуваат организаторите на концертот Продукција Република и План Б Продукција.
„Томато Продукција“ ќе го снима настанот, па истиот ќе добие и свое ДВД издание кое обожавателите на ДНК понатаму ќе можат да го имаат во својата видео колекција.
Концертот ќе започне во 21:00 часот, а вратите ќе бидат отворени во 20:00 часот.