IN MEMORIAM: Почина светски познатиот писател Милан Кундера

Светски познатиот писател Милан Кундера почина на 94-годишна возраст (01 април 1929 – 11 јули 2023), јави денеска чешката национална телевизија.

Негови најпознати дела се романите „Неподносливата леснотија на постоењето“, „Шега“, „Книгата на смеата и заборавот“, „Уметноста на романот“, „Бесмртност“.

Кундера беше француски писател роден во Брно, Чешка во 1929 година. Заминал во егзил во Франција во 1975 година, а државјанство добил во 1981 година. Чешкото државјанство му беше одземено во 1979 година и вратено 40 години подоцна.

По насилното задушување на Прашката пролет во 1968, на што јавно се спротивставувал, Кундера станал непожелна личност во земјата. Залагајќи се за реформски комунизам, бил исфрлен од Здружението на писателите во 1969 и повторно од партијата во 1970, а професорскиот ангажман на Филмската академија му бил суспендиран. Неговите драми биле тргнати од репертоарот, а книгите исфрлени од продажба.

Кундера продолжил да пишува, но своите следни дела „Животот е другаде“ и „Проштален валцер“ одлучил да ги издаде во Франција. Така го почнал животот во егзил, но продолжил да пишува на теми поврзани со Чехословачка. Следеа „Книгата за смеата и заборавот“, „Неподносливата леснотија на постоењето“ и „Бесмртност“, кои го направија еден од најзначајните светски писатели.

Кундера се гледаше себеси како француски писател и инсистираше дека неговото дело треба да се изучува како француска литература и да се класифицира како такво во книжарниците. Пред „Кадифената револуција“ во 1989 година, комунистичкиот режим во Чехословачка ги забрани неговите книги. Водел повлечен живот и ретко зборувал со медиумите.

Беше номиниран за Нобелова награда за литература, а добитник е на Ерусалимската награда во 1985 година, во 1987 година ја доби Австриската државна награда за европска литература и наградата „Хердер“ во 2000 година.

Во 2014, по една деценија неактивност, го објави својот последен роман „Фестивалот на безначајноста“. Во 2021 година го доби „Златниот орден за заслуги“ од претседателот на Словенија.

Кундера беше добитник и на меѓународната книжевна награда „Табернакул“, која ја доделуваше истоимената издавачка куќа од Скопје. Тој и српскиот поет и писател Љубивоје Ршумовиќ беа први добитници на наградата „Табернакул“ во 2013 годдина. Кундера не дојде во Скопје, туку македонскиот писател Венко Андоновски му ја врачи во Париз.

You May Also Like