Амбасадата на Соединетите Американски Држави го организира филмскиот фестивал “Поп ап кино”. Секоја недела во јуни, на некоја невообичаена локација во Скопје, ќе биде прикажан по еден американски филм во рамките на фестивалот Поп ап.
Фестивалот беше отворен синоќа во средното училиште “Никола Карев”, со прикажување на еден познат филм за средношколски рагби тим, чии членови се обидуваат да ги надминат меѓусебните разлики и да делуваат како вистински тим.
На 11 јуни, сцената се менува и фестивалот се префрла во градскиот клуб Менада, со почеток од 20:00 часот. Гостите во клубот ќе имаат можност да проследат класичен американски филм за едно семејство во 1960-ите години, кое се прилагодува на променливите општествени очекувања.
На 18 јуни, во 20:00 часот, на паркингот помеѓу Градскиот парк и хотелот Александар Палас, Скопјани ќе имаат можност да гледаат филм под отворено небо, кога ќе биде прикажана возбудлива урбана драма во која игра еден од најславните холивудски актери и режисери.
Покрај овие проекции, Поп ап фестивалот ќе биде организиран и во Американските катчиња во Скопје, Тетово, Штип, Струга и Битола, со прикажување на филм од независна продукција, од жанрот комедија/драма, за современите американско-индијански искуства.
Преку четирите филмски проекции, фестивалот ќе ја истакне моќта на различноста, обработувајќи ги темите на толеранција и пријателство.