Изложба од уметниците Марија Дичова и Симона Манчева

Во ликовната галерија на ЦК„Марко Цепенков“ во Прилеп, во петок (9 ноември 2018) од 19.00 часот ќе биде отворена изложба од уметниците Марија Дичова и Симона Манчева.

Идејата за овој заеднички проект на двете уметници се заснова на користење на отпадни материјали. Отпадокот како медиум и истражувањето при негово користење се заснова на различни гледишта во кои човекот во секој поглед е инволвиран во процесот на создавање. Самите дела опфаќаат некој општествено, социјален, интимен, психолошки и естетски момент.

Отпадните материјали кои во обемност покренуваат многу прашања при нивниот процес на разградуваwе, распаѓање и рециклирање и претставуваат проблем, во нивните дела, колажите, инсталацијата добиваат нова димензија. Со тоа што го креираат уметничкото дело, преку идеjа, рекреираат општестен проблем или пак со самата негова примена како основен медиум градат една целина, т.е. уметничко дело.

-Моите истражувања се засноваат на одредена идеја, тема, техника, материјал или медиум во кои човекот учествува во создавањето на делото, со тоа што неговиот одраз влегува во ликовниот концепт на делото. Настојувам да покренам многу прашања во кои човекот може да се препознае и самиот да се согледа во реалност – вели Марија Дичова.

-Моите уметнички интереси се базраат на согледување на фиктивната реалност и уште пофиктивниот морал во општествата. Преку своите истражувања се обидувам да ги прикажам и разнишам нашите стегнати предрасуди и стереотипи кои ги зајакнуваат границите на нашата слобода, истовремено и да се развие свесноста на луѓето за остварување на своите права и задоволување на своите потреби – вели Симона Манчева.

——————————————–

Биографии

Марија Дичова од Кавадарци во 2011 година дипломирала на ФЛУ во Скопје на отсек вајарство со конзервација и реставрација. Моментално живее и работи во Кавадарци и се занимава и со анимација, изработка на мозаици, икони и живопис.

Симона Манчева од Кавадарци. Дипломирала на ФЛУ во Скопје во 2011, а во 2013 година завршува магистерски студии оддел сликарство.

You May Also Like