Ревијата на словачкиот филм се одржува по повод 20-години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Словачка …
Со проекција на краткиот студентски анимиран филм номиниран за „Оскар“, „Во коцка“, на Михал Струс и играниот филм „Kандидат“ на Јонаш Kарасек, вчеравечер во Кинотеката на Македонија беше отворена ревијата на филмови од современата словачка кинематографија.
Ревијата на словачкиот филм се одржува по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Словачка, а настанот се реализира под покровителство на словачкиот амбасадор Мартин Безак и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Организатор е здружението на граѓани VLNA.
Министерката Канческа-Милевска во своето обраќање пред присутните истакна дека овој настан ги потврдува пријателството и довербата меѓу Република Македонија и Република Словачка и континуитетот на македонско-словачките културни врски кои траат и се негуваат повеќе од единаесет века.
„По успешната промоција на луксузното тријазично издание на Прогласот кон светото евангелие од Кирил Филозоф, во Охрид во март годинава, ја отвораме првата ревија на модерниот словачки филм во Република Македонија преку која ќе имаме можност да се запознаеме со еден богат сегмент од најнаградуваното словачко филмско творештво“, истакна на отворањето министерката Канческа-Милевска.
Министерката за култура подвлече дека ревијата на современите словачки филмови е одлична можност за поврзување на двете кинематографии и за зајакнување на веќе остварените врски во нови копродукциски проекти.
Во рамките на ревијата, во следните денови ќе бидат прикажани 17 филмови кои моментално ја презентираат словачката кинематографија на светските и на домашните филмски фестивали. Станува збор за филмовите: „Чудо“ во режија на Јурај Леготски, „Моето куче Килер“ од Мура Форнау, „Дури до градот Аш“ во режија на Ивета Грофова, „Дом“ на режисерката и сценаристка Зузана Лиова….. Покрај играните филмови, селектирани се и три документарни филмови кои се реализирани неодамна: „Слепи љубови“ на Јурај Леготоски, „Како се готви историјата“ на Петер Керекес и „Осадне“ на режисерот Марко Шкоп.
Ревијата на модерен словачки филм ќе трае до 11 јуни.