Започна петтиот Фестивал на францускиот филм во Охрид

Со филмот „Збогување со кралицата“ на режисерот Беноа Жако и присуството на сценаристот Жан Туран, синоќа (сабота, 30 јуни) во Охрид беше означен стартот на петтото издание на Фестивалот на францускиот филм.

Петтото фестивалско издание што ќе трае до 5 јули за отворено го прогласија министерот за култура на Mакедонија Елизабeта Канческа Милевска и амбасадорот на Франција Жан Клод Шлумберже.

На програмата се девет филмови од најразлични жанрови и 12 кратки филмови од најновата француска кинематографија.

Проекциите на филмовите ќе се одржуваат во Големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“, во два терминa од 17 и од 20 часот. Влезот за сите филмови од фестивалскиот репертоар е слободен, а според вообичаената практика публиката и овојпат ќе има можност да се сретне со дел од екипите кои стојат зад реализацијата на филмските остварувања.

Фестивалски гости во Охрид се режисерите Ева Јонеско, Артур Шелтон, Лејла Фреже, актерите Елоди Навар, Пјер Клуе, Абрахам Белага…

За најдобрите остварувања ќе одлучува тричлено стручно жири предводено од македонскиот режисер Антонио Митриќески. Наградата за животно дело годинава ќе му биде доделена на режисерот Жак Дојон, автор на над 30 филмови и добитник на голем број фестивалски награди. Дојон е почесен гостин на фестивалот, а ќе присуствува во Охрид на проекцијата на неговиот филм од 1979 година „Никаквица“ со кој ќе биде затворено годинешното фестивалско издание.

Досега наградата за за животно дело ја добиле: Клод Лелуш, Шарл Азнавур, Паскал Тома и Ив Боасе.

 

 

You May Also Like