На денешен ден (22 октомври 1917 година) во Прилеп роден е Борко Лазески (почина 16 јуни 1993 година, во Скопје).
Лазески е македонски академски сликар, познат мозаичар, а најпознат е по своите фрески изведени во Скопје, Кичево, Велес, но и во Мексико сити. Еден е од основачите на Друштвото на ликовните уметници во Прилеп.
Во 1944/45 година зема активно учество во формирањето на ДЛУМ и Уметничката школа во Скопје. Тој е воедно и еден од првите професори на новоформираната Уметничка школа. Како стипендист на француската влада во 1946 година заминува за Париз, каде до крајот на својот престој во 1948 година, специјализира сликарство и мозаик на L’ecole Nationale Superieure des Beaux-Arts, витраж кај Момежан и современо сликарство кај Андре Лот.
Еден е од основачите и в.д. директор на Уметничката галерија (сегашна Национална галерија на Македонија) во 1948 година. Во 1951 година почнува да работи на своето најпознато монументално дело „Фреската за НОБ”, за старата железничка станица во Скопје со 222м2 површина, завршена во 1956 година и уништена во земјотресот од 1963 година.
Во 1953 година заедно со Димче Протуѓер ја основаат групата ДЕНЕС. Во 1957 година станува професор на Педагошката академија во Скопје. Декември 1959 година заминува во Багдад каде работи како професор на тамошната Академија за ликовни уметности и активно се вклучува во локовниот живот до 1967 година. По враќањето од Ирак, од 1967 до 1972 година работи како слободен уметник. Од 1969 до 1971 година е претседател на ДЛУМ. Од 1972 година повторно работи како професор на Педагошката академија во Скопје.
Во почетокот на 80-тите години заминува за Мексико сити каде останува неколку години, работејќи на неколку мурали.
Имал студиски престои во Италија, Грција, Австрија, Германија, Јордан, Турција, Сирија, Либан, Египет, Ирак, Авганистан, Пакистан и Индија, исто и во СССР, Узбекистан, Ерменија и Грузија.