Денови на Манчевски на Универзитетот Браун

Почнувајќи од 11-ти март, на Универзитетот Браун во Роуд Ајланд, САД, се оддржува ретроспектива посветена на делата на Милчо Манчевски. Настанот, насловен „Денови на Манчевски: Мајчин дожд“, вклучува прикажувања на филмовите „Прашина“, „Мајки“ и „Пред дождот“, по што следува дискусија и разговор со Манчевски.

„Денови на Манчевски“ е настан поддржан од Одделот за модерна култура и медиуми, Малколм С. Форбс Центарот за култура и медиуми, Одделот за славистика и Канцеларијата на Деканот на Колеџот, Асоцијацијата на централно и источно-европски студенти и Меѓународната организација при универзитетот Браун. Посетителите имаат можност по гледање на филмовите, да учествуваат во отворено интервју со Манчевски, каде што тој поопширно ќе зборува за своите дела, а посетители ќе можат со сопствени прашања подобро да се запознаат со неговата работа.

Филмовите на Манчевски се од интерес не само за љубителите на кинематографијата, но и за студенти и академици од различни дисциплини. „Пред дождот“, неговиот прв филм, по својата премиера во 1994 година освои над 30 меѓународни награди, меѓу кои Златен Лав и номинација за Оскар. „Прашина“, премиерно го отвори Меѓународниот филмски фестивал во Венеција во 2001 година, додека во 2010 година се одржа премиерата „Мајки“ на Берлинскиот филмски фестивал Берлинале. Сите филмови на Манчевски имаат освоено награди, а се прикажани на повеќе од 200 филмски фестивали низ светот. За „Пред дождот“ и за „Прашина“ се одржани меѓународни академски конфеенции, едната во Фиренца, а другата во Лајпциг. За сите негови филмови се пишувани бројни научни трудови.

Манчевски, покрај творењето, е многу активен во полето на образованието. Имено, тој предавал на низа универзитети, а како редовен професор и раководител на катеградата по режија на постдипломски студии на Тиш Уметничката Академија при Њујоршкиот Универзитет. Минатата година тој гостуваше на Рускиот универзитет за кинематографија ВГИК, со педагошко-продукциски проект, а од Советот на универзитетот му беше доделен почесен докторат. Филмовите на Манчевски се вклучени во наставните програми на над 100 универзитети, а самиот има гостувано и одржано предавања на над 30 универзитети низ светот.

You May Also Like