Овој петок (10.02.2012 година) во Уметничката галерија во Марибор (Словенија) со почеток во 18:00 часот, ќе се отвори изложбата „Недовршени модернизации: Помеѓу утопијата и прагматизмот“- Архитектурата и урбанизмот во поранешна Југославија и во земјите наследнички.
Отворањето на изложбата „Недовршени модернизации: Помеѓу утопијата и прагматизмот“ во Марибор, кој што е избран за Европска претстолнина на културата за 2012 година, е големото финале на двогодишниот истоимен истражувачки проект поттикнат од страна на Здружението на архитект на Хрватска во партнерска соработка со Орис-куќа од Загреб, Музејот за архитектура и дизајн од Љубљана, Уметничката галерија од Марибор, Друштвото на архитекти на Белград од Белград и Коалицијата за одржлив развој од Скопје. Проектот преку низа истражувања, конференции и изложби се бавеше со просторите кои ги создаде „социјалистичкиот напредок“ во поранешна Југославија и се обиде да утврди што се случило со тие простори по распаѓањето на заедничката држава и исчезнувањето на социјализмот. Покрај водителите на проектот, Мароје Мрдуљаш од Архитектонскиот факултет од Загреб и Владимир Кулиќ од Архитектонскиот факултет при Универзитетот на Флорида, во проектот учествуваа повеќе од 30 истражувачи од просторите на цела поранешна Југославија.
Изложбата, на која ќе бидат претставени архитектонските проекти и големите урбанистички планови кои го одбележаа југословенскиот (социјалистички) период, ќе се осврне на пресвртниците и визиите за (недовршените) модернизации на градовите од времето на социјaлизмот и ќе се обиде да даде одговор на прашањата поврзани со нивната улога и оставнина во нејзините земји наследнички. Изложбата е фокусирана на физичкиот простор, односно на создавањето (произведувањето) и планирањето на градот како еден од темелите на социјалистичката модернизација, како и на улогата на архитектурата во тоа создавање (производство). Изложбата исто така се бави и со симболочките простори во кои се одвивало тоа создавање (производство), како што се геополитичкиот, културниот, економскиот и идеолошкиот простор.
За време на социјалистичка Југославија, модернизацијата едноставно се претставувала како секојдневно колективно остварување кое има за цел да го покаже напредокот на работничкото самоуправување и да ги направи луѓето горди. Така, животот на Југословените бил одбележан со мегаломански, речиси утописки проекти на полето на индустријата, енергетиката, транспортната логистика, урбанизмот. Од друга страна, денеска тој социјалистички утопизам често е синоним за „историски грев“ на несоодветните економски структури, еколошките проблеми и општествените конфликти. Овој проект ќе ги разгледа и ќе ги представи карактеристичните архитектонски и урбанистички практики од периодот на социјализмот во однос на општествениот контекст во кој истите настанале и ќе го дефинира нивниот сегашен изглед и карактер.
Опфаќајќи ја целокупната работа на младите истражувачи од Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Словенија, изложбата, покрај со естетските и технолошките достигнувања на архитектонските и на урбанистичките проекти, се бави и со општествената перспектива на процесите кои влијаеле врз развојот, постоењето и распадот на Југославија. Релевантноста на избраните проекти се оценуваше врз основа на придонесот на тие досригнувања во обликување на јавната сфера. Една од целите на проектот беше и да го преиспита (меѓународно прифатеното) општото верување за периодот на урбаната модернизација во поранешна Југославија и да ја промовира различноста на културните идентитети во регионот.
„Водена од прагматичните мотиви, архитектурата во Југославија била примарно свртена кон производството, иако во таа прагматичност била оптимистичка и внимавала на јавното добро. Така, изградената архитектура била навистина верен одраз на креативните способности на локалната архитектонска заедница и на нејзините можности за делување. Иако некои од прогресивните проекти се занемарени, неизградени и недовршени, изградената средина во Југославија е верна слика на односот помеѓу амбициите и можностите.“ (Мароје Мрдуљаш)
Изложбата ќе претстави бројни архитектонски проекти, од туристичките експерименти на Јадранскиот брег, преку концептите за новите градови и изложбените павилјони на меѓународните изложби, до озлогласените јавни објекти и историски споменици во републиките на поранешна Југославија од 1948 до 1980 година. Преку нов пристап, целта на проектот е да го преиспита социјалистичкото архитектонско наследство на Југославија и да ги разбуди силните и продуктивни врски кои се присутни на секој чекор во урбаниот простор на поранешната заедничка држава.
СТРУКТУРА НА ИЗЛОЖБАТА
На изложбата истражувањата од проектот се групирани околу различни геополитички, културни и социо-антрополошки мерила за просторот, со што се формираат шест поглавија на самата изложба: подготовка за иднината, просторни репрезентации, просторни глобални размени, политика на урбаниот простор, обликување на просторните практики и југословенскиот архитектонски простор.
Подготовка за иднината
– Бого Зупанчич, Тамара Бјажиќ Кларин, Тања Дамјановиќ Конли: Архитектите на Југославија на изворите на модрноста
Просторни репрезентации
– Владимир Кулиќ: Архитектурата и идеологијата во социјалистчка Југославија
– Ника Грабар: V+II точки за архитектурата и идеологијата
Простори на глобална размена
– Дубравка Секулиќ: Градејќи неврзана модерност – случајот со Енергопроект
– Лана Ловренчиќ (соработник: Антун Севшек): Саемот во Загреб
Политики на урбаниот простор
– Иван Куцина, Милица Топаловиќ (соработници: Дубравка Секулиќ и Бранко Белачевиќ) Планирајќи непланско – Трансформациите на Нов Белград
– Марко Санчанин: Планирањето на социјалистички Загреб
– Ана Џокиќ, Марк Нелен (Stealth.unlimited), Небојша Миликиќ: Калуѓерица од шкљ до абв: живот во сенка на модернизацијата
– Дивна Пенчиќ, Биљана Спиркоска, Јасна Стефановска: Урбаните трансформации на Скопје
– Инес Толиќ: Јапан гледа кон запад
– Задруга Пракса, Пула : Вјекослав Гашпаровиќ, Емил Јурцан, Хелена Стерпин: Планирајќи ја Пула
– Нина Угљен Адемовиќ, Елша Туркшиќ: Сараево – Мариин Двор: Програмската концепција на социјалистичкиот град
– Mатвеж Челик, Аленка ди Батиста: Новите градови на Словенија
Обликување на просторните практики
– Тања Дамјановиќ Конли, Јелица Јовановиќ: Белградската станбена архитектура 1950-70: привилегиран стан за општество без привилегии
– Марко Санчанин: Модел за општествено насочување на изградбата на станови: Населбата Дугава во Загреб
– Мартина Малешич: Насебата Мургле во Љубљана
– Дафне Берц, Лучиано Басаури, Мароје Мрдуљаш, Динко Перачиќ, Миранда Вељачиќ: Изградбата на достапна Аркадија
– Вишња Кукоч (соработник: Јелена Борота; ко-автор: Весна Перковиќ – Јовиќ (архитектурата на Фрањо Готовац): Сплит III
Југословенскиот архитектонски простор
– Инес Толиќ (соработници: Јелица Јовановиќ и Соња Дамчевска): Борбаината награда за архитектура и создавањето на „архитектите – ѕвезди“ во социјалистчката држава
– Лука Сканси: „Вкус“ за конструкција
– Јелица Јовановиќ, Јелена Грбиќ, Драгана Петровиќ: Карактеристики на изградбата со префабрикати во СФРЈугославија: патот од „систем“ до „технологија“
– Нина Угљен Адемовиќ, Елша Туркшиќ: Спојот на модерното и традиционалното во архитектурата на Босна и Херцеговина
– Хела Вукадин: Проектанската визија на Владимир Турин
– Дражен Арбутина: Реконструкцијата на Задар по Втората Светска војна.
Изложбата во Марибор ќе биде отворена до 22.04.2012 година.