Фестивалот „Охридско лето“ и во овогодишното 51-во издание продолжува со атрактивна музичката програма нудејќи единствена можност, покрај настапот на уметници од светскикалибар со изведба на дела од класичната музика, да вклучи и атрактивни музички содржини од најсовремените музички стилови кои имаат за цел да привлечат поширока и разновидна публика.
Токму во таа насока ќе биде и концертот на 1 август на Античкиот театар во Охрид, на кој ќе настапи најпознатиот македонски гитарист, Влатко Стефановски заедно со „чудото од дете“, виолинистот Стефан Миленковиќ.
Со оглед на успехот што го доживеа овој проект на премиерата во Белград, истиот ќе биде промовиран за првпат во Република Македонија, на фестивалот „Охридско лето“. Се работи за идеја да се спојат двајца инструменталисти – виртуози, еден на гитара, друг на виолина, да се спојат световите на класичната и рок музиката и да се сподели искуството на импровизацијата и музичкиот дијалог. Ова ќе биде концерт на кој двајцата виртуози ќе направат вистинско уметничко доживување со многу динамика и ритмички изненадувања, изјави селекторот на музичката програма, г-ѓа Гордана Јосифова – Неделковска.
Влатко Стефановски уметничката афирмација ја стекнал како гитарист и водач на групата „Леб и сол“, еден од најзначајните и најпопуларните состави во новата историја на балканската музика. „Леб и сол“ воведуваат, на голема врата, звук кој е мешавина од џез, рок и фолк, а Стефановски се докажува како виртуоз на кого, на овие простори, никој не му е рамен. Неговото име постана синоним за комбинација на рафинираност, страст и комерцијалност, а некои од албумите кои ги снимил со „Леб и сол“, критичарите ги прогласуваа и за ремек-дела. За време на соло кариерата, Стефановски се афирмирал не само на Балканот, туку стекнал и меѓународен рејтинг. Во стручните кругови, тој денес ужива светска слава, од Македонија до Америка.
Стефан Миленковиќ, прогласуван за „чудо од дете“, уште од петгодишна возраст свирел со оркестри. Првата награда ја добил кога имал седум години, а на шеснаесет години го одржал илјадитиот концерт. Тој важи за виолинист од светски калибар, свирел со најдобри оркестри, под палката на најпознатите светски диригенти. Меѓу неговата публика биле поранешниот претседател на САД, Роналд Реган, поранешниот лидер на СССР, Михаил Горбачов и Папата Јован Павле Втори. Миленковиќ е исто познат и по своите хуманитарни ангажмани. Меѓу другото, учествувал, заедно со Пласидо Доминго, Јехудија Менјухина и други, на гала концерти под покровителство на УНЕСКО. Професор е по виолина во Илиноис, САД.
Изјава од Влатко Стефановски:
Влатко Стефановски со огромно задоволство и ентузијазам го најавува овој концертен спектакл.
– Соработката со Стефан Миленковиќ ќе ја продолжиме токму во Македонија и тоа на најпрестижниот фестивал „Охридско лето“, на еден од најатрактивните и инспиративни простори – Античкиот театар во Охрид. Очекувам спектакуларен настан и се надевам дека публиката ќе ужива во нашата изведба, изјави Влатко Стефановски.
Тој додава дека програмата на овој концерт е базирана на теми од традиционалната македонска музика, кои се дел од неговиот стандарден репертоар, но вклучува и дела од класични композитори како Ерик Сатија, Дебиси, Моцарт и Дворжак.