Најпознатиот македонски тенор Благој Нацоски се наоѓа на двонеделна турнеја во Јапонија, каде синоќа (10 март, 2013) дебитираше во улогата на Неморино во операта “Љубовен напиток” од Гаетано Доницети.
Претставата во полуконцертна изведба ќе се одржи во Рјутопија Центар во Ниигата каде Нацоски веќе има настапено на концертот “Три тенори” во 2008 година.
Партнерка во улогата на Адина му е Јапонката Нобуко Такахаши, Дулкамара го толкува Матео Пеироне од Италија, а во останатите улоги настапуваат јапонски уметници.
Рјутопија Центарот е најпрестижната концертна сала во градот Ниигата и оваа година слави јубилеј од 15 години.
Во изминатата седмица, во организација на Рјутопија Центарот, Нацоски одржа и Мастерклас за студентите по оперско пеење од различни универзитети на Јапонија.
По “Љубовниот напиток” следува Гала Оперски концерт во Токио во салата Нипори Сани Хол, во организација на “Токио Опера” заедно со јапонски и италијански уметници, како и женски хор од Токио. По негова иницијатива концертот ќе биде завршен со обработка на две македонски народни песни во изведба на јапонскиот хор, а во едната ќе настапи заедно со нив.
„Прекрасно искуство беше да се работи со студентите, односно студентките по пеење од Јапонија, со оглед на фактот дека на мастерот учествуваа само припаднички на понежниот пол. Нивната дисциплина и “послушност” се навистина на завидно ниво, во смисол што максимално се трудеа да го направат она што го барав од нив во изведбата на различните дела. Што се однесува до Неморино, одамна имам желба да ја пејам оваа улога од која уште од студентските денови често ја пејам познатата арија “Una furtiva lagrima”, но ете по некоја случајност целата улога досега ја немав отпеано. Се радувам и што повторно сум во Ниигата и во прекрасниот Рјутопиа Центар“ – изјавува Нацоски.
По настапите во Јапонија, на 12-ти април Нацоски ќе настапи во Театарот „Томазо Траета“ во Бари, и тоа со концерт посветен на македонските современи композитори. По успешниот таков концерт во Рим минатата година, ова е втор негов рецитал од овој вид.