Македонците во повеќе наврати посегнале кон животот на бугарскиот владетел Фердинанд. Причините за тоа се апсењата од страна на бугарските власти на поголем број Македонци, членови на ВМРО кои престојувале во Бугарија (Examiner 16 април 1901) како и тајната дипломатија на Фердинанд за приграбување на дел од Македонија под Бугарија.
Во статија со наслов “Убивањето е мојот занает” од весникот Clarence and Richmond Examiner (19 јуни 1909) посветена на македонскиот патриот Владимир Најданов пишува:
Владимир Најданов беше суден во Софија, Бугарија, на 26 април, за обид за убиство на кралот Фердинанд со пукање во неговата кочија.
Влезот во судницата на затвореникот – бледо, голобрадо момче, со брановидна коса која паѓа на рамениците – предизвика сензација.
Тој е МАКЕДОНЕЦ, кој студирал во солунската гимназија, и се преселил за да ги одмазди своите сонародници, кои, како што изјави, биле напуштени од страна на владетелот на Бугарија.
“Сакав да го убијам принцот”, изјави Владимир, со мирен, глас, “и се надевам дека ќе го убијам еден ден, затоа што како анархист, мојот занает е убивање на принцови. Покрај тоа, Фердинанд е вампир на Бугарија. Тој е одговорен за смртта на Борис Сарафов и други македонски патриоти. Јас сум обврзан да ги одмаздам.”
Беше совршена тишина додека обвинетиот, кој што се бранеше сам, развиваше теории за едукација на монарси со помош на револверски истрели. Тој беше осуден на четири години затвор и по излегувањето од судницата тој се сврте и рече уште еднаш:
“Кога ќе излезам ќе го убијам. Кажете му од мене дека тој има само уште четири години живот.”
Во австралискиот весник Examine во статија со наслов “Принцот Фердинанд” од 11 мај 1903 година може да се види дека желбата на Владимир Најданов да го ликвидира бугарскиот владетел не била типична само за него туку за поголема група Македонци:
“… Закани за животот на принцот се упатени од страна на МАКЕДОНЦИТЕ.”
За закани упатени кон бугарскиот владетел соопштува и весникот Otago Witness, во статија посветена на балканските случувања од 3 јуни 1903 година:
“…МАКЕДОНСКИТЕ бегалци му се заканија на принцот Фердинанд од Бугарија. Превземени се големи мерки за да го заштитат…”
Со намера да го ликвидира бугарскиот владетел бил и македонскиот војвода Јане Сандански за што соопштува американскиот весник The New York Times во статија со наслов “Да се убие принцот Фердинанд” од 14 август 1906 година:
“…Јане Сандански (МАКЕДОНСКИОТ лидер, којшто беше член на бригадата која во 1901 година ја киднапира госпоѓица Елен М. Стон, американска мисионерка, и ја држеше за откуп) се крие во шумата Бистрица заобиколувајќи ја вилата на принцот Фердинанд со цел да го убие.
Вилата е силно чувана и принцот ретко ја напушта”
Иако Македонците не успеале да го елиминираат, поетската правда сепак го стигнала. Фердинанд абдицира од тронот во 1918 година поради што подоцна се соопштува дека имал пристапи на насилно лудило (Western Mail, 11 октомври 1923). Во 1943 година под мистериозни околности починал неговиот најстар син кој го наследил неговиот трон – Борис III. Во 1946 година монархијата во Бугарија е укината при што убиен е и неговиот втор син Кирил. Фердинанд умира на 10 септември 1948 година како скршен човек .